Пелистер – местото каде ќе уживате во убавата недопрена природа

Сподели го ова:
























Националниот парк Пелистер беше прогласен со закон донесен од страна на Президиумот на Народна Република Македонија на 30 ноември 1948 година. Во месец декемви 2007 година со посебен закон, дел од Планината Баба со врвот Пелистер повторно е прогласена за национален парк. Според Законот за заштита на природата, Јавната установа Национален парк Пелистер – Битола е одговорна за заштита и управување со паркот.

Планината Баба, со врвот Пелистер се наоѓа на јужниот дел од Република Македонија и е со алпски карактеристики. Пелистер е поставен меѓу долините на Пелагонија и Преспа. Стар е околу 465 милиони години и е највисок врв во паркот, со 2.601 метри надморска височина.

Пелистер е местото каде што ќе уживате во убавата недопрена природа! Постојат две легенди поврзани со името Пелистер. Едни, велат дека името потекнува од грчкиот збор “peristeri” што значи гулаб, заради белосивиот камењар, кој кога го гледате од далечина заликува на гулаб. Други, веруваат дека е тоа е поради пет-игличестиот бор – петлистер (пет иглички – пет лисја), па од таму – Пелистер.Најзаслужен за добивањето на стаутост Национален Парк е петтоигличниот бор МОЛИКА – што го открил австрискиот ботаничар Аугуст Гризебах во 1839 година. Моликата ја има и на други планини на Балканот, но тука гради најкомпактна шумска заедница. Шетајќи низ Пелистер ќе наидете на стебла постари од 230 години. Во пролет и лето, ливадите се накитени со разнобојните цветови на: пелистерската небесна роса, чуваркуќата и пелистерската качунка.

Глетката ќе ви ја збогати и летот на дневните пеперутки Scythris crupta и Scyrthris similis кои живеат само на Пелистер. Тука се среќава и ноќната пеперутка Hadena clara macedonica која ја има само во Македонија. Ако ја сакате археологијата, најдете време да ги посетите населбите од железното доба и средновековниот период кои се во непосредна близина на паркот. Следејќи ја долгата магистрала на познатиот пат од Римско време – Виа Игнација, која поминува низ Пелистер ќе имате и вие можност да чекорите по патот, по кој поминувале Апостол Павле, македонската фаланга, римските легии и византиските цареви.




Сподели го ова:

Слични објави