Успешен почеток на 58-мото издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ Прилеп
Вчера вечерта во НУЦК Марко Цепенков, започна 58-мото издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ Прилеп, кое носи посебно значење со програмата насловена „Промени се, промени се”.
Овој слоган нè потсетува дека секоја промена започнува од нас самите. Тој ни ја пренесува важната порака дека преку личната трансформација можеме заедно да го менуваме светот на подобро. Секоја промена што ќе ја направиме во себе, секој чекор што ќе го направиме кон подобро, ја гради основата за пошироки општествени промени и напредок.
“Платформата „Враќање дома“, која е дел од четиригодишниот план на фестивалот, ни ја отвора можноста да се вратиме кон корените, да ги прифатиме нашите традиции, и да ги искористиме за да изградиме посветла иднина. Враќајќи се дома, се поврзуваме со нашите вредности и го зацврстуваме македонскиот идентитет кој го носиме со гордост. Во ова време на промени, театарот како уметност има уникатна моќ да нè инспирира, да нè поттикне на размислување и да ни покаже различни перспективи. Театарот нè учи на емпатија, на разбирање и на сила да се соочиме со предизвиците. Преку театарските претстави, ние не само што сме сведоци на уметноста, туку и активно учествуваме во неа, чувствувајќи ги емоциите и пораките што ни ги пренесуваат актерите. Упатувам честитки за добитниците на наградите за животно дело – госпоѓа Мими Таневска-Србиноска и господин Јордан Витанов, и се заблагодарувам на сите кои го овозможија ова издание на фестивалот. Благодарност до организаторите, до актерите, режисерите и сите учесници кои вложија труд и енергија за да ни донесат богат и разновиден репертоар. Вашата посветеност е непроценлива за успешноста на овој фестивал.
Исто така, сакам да им се заблагодарам на сите вас, нашите верни посетители и поддржувачи. Без вашата љубов кон театарот и без вашата поддршка, овој фестивал не би бил тоа што е денес – вистинска културна манифестација со огромно национално значење. Нека овие денови бидат исполнети со инспирација, со нови спознавања и со многу убави моменти. Уживајте во претставите, учете од нив и нека ни послужат како поттик за промени во нас самите и во нашето општество. Воедно ја посетивме и изложбата посветена на ,,Авторот во фокус” за оваа година, Горан Стефановски” – истакна прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.