Уште од “рани зори”, утрово започна славењето на денешниот празник во Прилеп
Уште од “рани зори”, утрово започна славењето на денешниот празник во Прилеп, а денеска на Водици, кога Отецот го изговори Своето сведоштво за Синот, Синот се крсти во вода, а Светиот Дух во вид на гулаб лебдеше над водата, граѓаните во градот под Марковите Кули, доследни на верата, традиционално како и секоја година ги посетија прилепските црковни храмови. Помеѓу нив присутни беа прилепскиот градоначалник Борче Јовчески и Претседателот на Совет Дејан Проданоски.
Денеска е голем, светол христијански празник, односно ден кога Бог се јави на земјата во вид на гулаб. Кога Господ Исус наврши триесет години од телесното раѓање, го започна Својот учителски и спасителен подвиг. И самиот почеток на тоа го означи со примањето Крштение на Јордан. Како што вели Свети Кирил Ерусалимски: „Почеток на светот е водата, почеток на Евангелието е Јордан“. Кога Исус Христос се крштеваше во водите на Јордан, на светот му се објави онаа тајна што во Стариот Завет само се навестуваше, тајната на Божествената Троица. Отецот му се јави на сетилото за слух, Духот на сетилото за вид, а Синот дури и на сетилото за допир. Отецот го изговори Своето сведоштво за Синот, Синот се крсти во вода, а Светиот Дух во вид на гулаб лебдеше над водата.