Почина познат прилепски свештеник! Бог да му подари Царство Небесно

Сподели го ова:





























Денес, 14.02.2026 година, во Господа се упокои протоереј-ставрофор Петре Ристески. Опелото ќе биде во недела (15.02.2026), на празникот Сретение Господово, во 13.00 часот, во соборниот храм на прилепското архиерејско намесништво – „Свето Благовештение“.

Протоерејот-ставрофор Петре Ристески е роден на 16 април 1937 година во село Ореовец, Прилепско. По завршувањето на основното образование, во 1951 година се запишал во средното Богословско училиште во Призрен, во првата петтокласна генерација, а школувањето го завршил во 1956 година. На 4 декември 1959 година, од Епископот Преспанско-битолски Климент, во црквата „Света Богородица“ во Битола бил ракоположен во ѓаконски чин, а за свештеник бил ракоположен на 8 декември истата година, во црквата „Свети Димитриј“ во Битола. По ракополагањето, на 15 декември 1959 година бил поставен на својата прва свештеничка должност – парохиски свештеник на Небреговската парохија. На 9 септември 1961 година, по потреба на служба, бил преместен на тогашната Варошко-плетварска парохија. На 6 мај 1966 година, при осветувањето на манастирот, „Свети Георгиј“ во Присад, од Епископот Климент бил одликуван со право на носење на црвен појас. Заради ревносното извршување на Божјата служба, на 4 ноември 1974 година, бил поставен за времен парохиски свештеник при црквата „Свети Кирил и Методиј” во Прилеп. На 16 февруари 1975 година, од тогашниот администратор на Преспанско-битолската епархија, Митрополитот Кирил, бил произведен во протоерејски чин.

Во времето кога било активно свештеничкото здружение, редовно е избиран на функции во неговите тела и органи од пододбор, па сè до главен одбор, а за своите заслуги добива и спомен-плакета. Бил и член на првата црковна делегација при откривањето на спомен-плочата на гробот на „Свети Кирил“ во Рим во 1969 година.

По потреба на служба, на 1 март 1987 година, бил поставен за парохиски свештеник на петтата парохија при црквата „Свето Благовештение“. Во 1993 година бил поставен за архиерејски намесник на прилепското архиерејско намесништво, а од 15 јуни 1996 година бил поставен за старешина на црквата „Свето Благовештение“, на која должност останал до 15 март 2000 година. За својата успешна работа, од Собранието на град Прилеп, во 1996 година му е доделена 9-то септемвриската награда. За своите заслуги на црковното поле, на 9 август 1998 година, одликуван е со право на носење на граден крст.

Отец Петре Ристески се пензионира на 29 септември 2000 година, но и понатаму остана на парохиска должност и ja извршуваше намесничката функција, сè до 1 октомври 2004 година, од кога започна да ги живее своите пензионерски денови.

Семилостивиот Бог да ја прими во Своето Царство неговата душа, во место светло, место зрачно, каде што нема никаква болка, жал и воздишка.




Сподели го ова:

Слични објави