ОТВОРЕНА ИЗЛОЖБАТА „СО ЉУБОВ ОД БИТОЛА” 2026 – БИТОЛА ВО ЗЛАТНИОТ ЧАС

Сподели го ова:





























Синоќа, во фоајето на НУ Центар за култура Битола, свечено се отвори 14-тото издание на изложбата на фотографии „Со Љубов од Битола”, проект на Центарот за европски развој и интеграција – ЦЕРИ Битола.

🌅 Годинашната тема, „Битола во златниот час”, ги насочи фотографите кон оној краток миг пред зајдисонце кога светлината станува мека и топла, а градот добива сосема поинаков лик. На конкурсот, отворен од 01.07 до 31.07, свои фотографии испратија 19 фотографи, а од пристигнатите 100 фотографии стручното жири во состав Александар Јоначиќ, Горан Кузмановски и Диоген Хаџи-Коста Милевски селектираше 25 фотографии кои се дел од изложбата.

🏆 На отворањето беа доделени наградите и пофалницата за најдобрите фотографии.

🎖️ Пофалница за посебна мајсторија ѝ беше доделена на Наталија Василевска, а истата ѝ ја врачи Васко Богдановски од Опфолио инвестиции, поддржувач на изложбата од реалниот сектор. Во своето обраќање, тој истакна дека во Опфолио инвестиции веруваат во нешта што се градат со време, и дека лесно донеле одлука да застанат зад проект кој веќе 13 години успева да го документира токму она што трае кратко, но вреди да се зачува.

🥉 Третата награда му припадна на Татјана Димитриевска, а дипломата ѝ ја додели Димитар Михајловски, директор на КИЦ Битола, во чија реализација е Битолското културно лето Бит Фест 2026. Тој ги поздрави напорите на организаторот и квалитетот на изложбата, потенцирајќи дека КИЦ е институција која поддржувала и ќе продолжи да поддржува проекти како „Со Љубов од Битола”.

🥈 Втората награда ја освои Викторија Стојковска, а дипломата ѝ ја врачи Марина Крстиќ, заменик градоначалник на Општина Битола. Во своето обраќање, таа истакна дека фотографијата не е само слика — таа е момент што одлучил да остане, а кога тој момент е создаден во нашиот град, тогаш станува и приказна за Битола, за нејзините улици, луѓето, светлината, атмосферата и малите детали што често ги поминуваме секојдневно, а не забележуваме колку се убави. Крстиќ упати честитки до сите автори кои со своите фотографии ја раскажуваат Битола на свој, автентичен начин.

🥇 Првата награда за Давид Козаров ја додели Диоген Хаџи-Коста Милевски, претседател на ЦЕРИ Битола, кој на партнерите им се заблагодари за поддршката и долгогодишното партнерство.

🙏 Проектот и годинава е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам, а се реализира во партнерство со НУ Центар за Култура Битола, како дел од годишната програма. Изложбата е дел и од Битолското културно лето Бит Фест 2026, поддржана од КИЦ Битола и Општина Битола, а поддржувач на проектот е и Опфолио Инвестиции.

📅 Изложбата ќе биде отворена за посетители до 27.08.2026, секој ден освен во недела, во работното време на НУ Центар за култура Битола.




Сподели го ова:

Слични објави