ЈОВЧЕСКИ: Карпалак ќе боли засекогаш, но ќе остане вечен спомен кој ќе потсетува на храбрите македонски синови кои за својата земја го дадоа највредното, нивниот живот

Сподели го ова:


























Точно 21 година од загинувањето на армиските припадници на Репубика Македонија кај месноста Карпалак, кога на патот Скопје – Тетово кај месноста Карпалак, од заседа беше нападнат конвој на Армијата при што беа убиени десет припадници на Армијата –сите од Прилеп и Прилепско.

Градоначалникот на општина Прилеп Борче Јовчески, денес положи свежо цвеќе пред споменикот во центарот на градот и присуствуваше на панихидата, во чест на десетмината херои кои трагично ги загубија животите во месноста Карпалак во 2001 година, а веднаш потоа истакна:

Слава им на овие десетмина прилепчани кои што трагично загинаа во заседа во 2001 година кај местото Карпалак. Тие се нашите херои кои загинаа за слободата на Република Македонија и слободата на македонскиот народ. Денес и после 21 година од овој ужасен настан повторно сме овде, пред споменикот Карпалак во Прилеп да им оддадеме почит и да ја споделиме болката за нашите херои со семејствата на: Горан Миноски, Сашо Китаноски, Веби Рушидоски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Нане Наумоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Велјаноски. Нивните имиња вечно ќе останат во нашата меморија. Сигурен сум дека секоја година на овој ден чествувањето, на нивните семејства и најблиските, им дава барем малку повеќе сила и утеха,а нас ни претставува гордост што бевме нивни сограѓани и сведоци на пожртвуваноста и нивното херојство. Некои нешта едноставно не можеме да ги вратиме но мораме да продолжиме да го негуваме нивното херојско дело. Стоејќи пред оваа спомен плоча и споменикот изграден во нивна чест, пред оваа топка која што симболизира вечен живот, докажуваме дека сме сплотени и никој не може да не спречи во нашата намера да ја браниме и безусловно да ја сакаме нашата татковина.

Исто така сите сме согласни во тоа дека злото од 2001 година никогаш не смее да се повтори. Затоа што во воените конфликти нема победници и секоја една солза и загубен човечки живот се далеку повредни од било каков извојуван триумф. Како народ, повторно сме ставени пред искушенија и постојано сме пред нови битки, во кои што мораме да останиме сплотени на патот кон одбрана на нашата македонска држава, кауза, традиција и име. Македонскиот идентитет и јазик се неприкосновена реалност на нашиот народ. Тие се наше наследство од претходните генерации и аманет за идните генерации. Карпалак ќе боли засекогаш, но ќе остане вечен спомен кој ќе потсетува на храбрите македонски синови кои за својата земја го дадоа највредното, нивниот живот. Уште еднаш слава им на нашите прилепчани, на нашите големи македонци, браќа, другари и пријатели, кои што борејќи се храбро го загубија својот живот, но нивното дело за Македонија ќе остане вечно запаметено” -истакна Јовчески.




Сподели го ова:

Слични објави