Коњановски присуствуваше на трибината „Локални мерки за заштита на животната средина во Битола”
Битолскиот градоначалник Тони Коњановски присуствуваше на трибината со наслов „Локални мерки за заштита на животната средина во Битола: предизвици и следни чекори“, која ја организираше Здружението за меѓународна младинска соработка „Интерактив“ од Битола, а која е дел од проектот „Зајакнување на локалната отчетност преку граѓански мониторинг во Битола и Кичево“.
Настанот имаше за цел да поттикне отворена јавна дебата помеѓу институциите, граѓанскиот сектор и јавноста за спроведувањето на локалните политики во областа на животната средина.
Во рамки на дискусијата, посебен фокус беше ставен на две клучни мерки: изработката на стратегија за развој на урбано зеленило и поставувањето на подземни садови за отпад. Овие две политики се суштински поврзани и заеднички влијаат врз квалитетот на урбаниот простор, јавното здравје и секојдневниот живот на граѓаните.
“На панел дискусијата зборував и за изработката на стратегијата за развој на зеленило, при што истакнав дека согласно Законот за урбано зеленило, општините имаат надлежност да подготват и предложат до Советот на единицата на локалната самоуправа Стратегија за развој на зеленилото, која ги дава насоките за креирање на планските решенија во делот на зеленилото при изработката на сите планови и проекти и ја следи неговата реализација во поглед на заштита и унапредување на системот на зеленило.
Во моментот Општина Битола е во фаза на изработка на техничка спецификација за распишување на јавна набавка за избор на изработувач на Стратегија за развој на зеленилото на Општина Битола.
Просторот предвиден за зеленило на ниво на град, генерално се планира со Стратегијата за развој на зеленило и истата е важен сегмент во изработката на Генералниот урбанистички план и се вградува во секој нов Генерален урбанистички план.
Исто така се осврнав и за Зелениот катастар на Општина Битола кој претставува современ и интегриран систем за евидентирање, управување и мониторирање на зелените површини и урбаната дендрофлора во градските средини.
Други панелисти беа и директорот на ЈП „Комуналец“ Битола, Горан Степановски, Тони Гештаковски, претставник од Здружението „Геосфера“ – Битола и Светлана Петковска, претседателка на Организацијата на жени на општина Битола. Презентација на чекорите на мониторирање на општинската програма имаше Целе Јолевски, проектен монитор” – истакна Коњановски.
















