Во средните училишта во Прилеп се одржаа едукативни предавања во рамки на кампањата „Петарди Не, безбедност пред се“
Вчера (27.12.) во рамки на заедничките превентивно едукативни активности на МВР и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, полициски службеници од Одделенијата за внатрешни работи Прилеп, Ресен и Македонски Брод, при СВР Битола, во средните училишта „Ѓорче Петров“ и „ Орде Чопела“ во Прилеп, потоа во средното општинско училиште „Цар Самоил“ во Ресен , како и во „Св.Наум Охридски” во Македонски Брод одржаа едукативни предавања во рамки на кампањата „Петарди Не, безбедност пред се“.
На предавањата, од страна на медицински лица беше нагласен ризикот од употребата на пиротехнички средства, пред се повредите на рацете, очите и други делови од телото. Покрај другото, учениците беа запознаени со законските одредби со кои се санкционира набавување и продажба на петарди и други пиротехнички средства, а исто така беа информирани дека продажбата и активирањето на петарди покрај прекршочно може да се санкционира и со кривична пријава.
Воедно и денеска полициски службеници од полициската станица за безбедност на сообраќајот при СВР Битола и од ОВР Ресен во Битола и во Ресен реализираа превентивни активности во насока на поголема безбедност во сообраќајот на тема „Алкохол и волан -најлоша комбинација“. Притоа, во централното градско подрачје на Битола и Ресен како и кон излезите од градовите, на возачите им се укажуваше за последиците при конзумирање алкохол и управување на моторно возило, а дополнително беа поделени и летоци со едукативна содржина – информира МВР.