ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ги гази националните и државните интереси, а го обвинува народот дека е антиевропски
Соопштение до јавноста од страна на ВМРО-ДПМНЕ-реакција на соопштението на СДСМ
Народот во Македонија со денови масовно и достоинствено вели Ултиматум, НЕ благодарам. Оваа порака СДСМ не сака да ја види, туку свесно оди спротивно на волјата на граѓаните, но не само тоа, туку сопствениот народ го прогласува за антиевропски. Тоа е бесрамно. Секогаш кога СДСМ ги гази националните и државните интереси, го обвинува народот или политичките конкуренти за антиевропски. Ова е доказ дека во СДСМ расте нервозата?
Овие масовни и достоинствени протести се сенародни, поддржани од лица кои дури и се членови на СДСМ. Зарем и тие се антиевропски настроени?!
Зарем антиевропски настроени се и експертите за евроинтеграции кои им кажуваат дека овој предлог е неповолен за Македонија и води кон асимилација?!
Зарем за СДСМ е нормално тоа што по диктат и уцени ќе се менуваат учебници во Македонија, ќе се ретушира историјата и ќе се менуваат лекции за историски настани и личност по урнек на бугарските барања?!
СДСМ наместо да етикетира треба да прифати дека народот на ова се спротивствавува и да отстапи од насилно и шверцерско понижување на Македонија и на македонскиот народ.
Во исто време СДСМ треба да престане со креирање на сценарија преку инфилтрирани провокатори и создавање на меѓуетнички тензии. Народот е обединет и ваквите режии на Спасовски, Османи и Ковачевски не поминуваат-истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.