Прилеп се поклони на 10-те прилепски бранители од Карпалак, кои го дадоа својот живот за Македонија во воениот конфликт во 2001 година
Утрото на 8 август 2001-та, Прилеп загуби 10 свои синови, a токму денеска, Прилеп се поклони на 10-те прилепски бранители од Карпалак, кои го дадоа својот живот за Македонија во воениот конфликт во 2001 година.
“Се собравме денеска да им оддадеме почит, да се поклониме и да ги споменеме 10-те прилепски бранители, кои го дадоа својот живот за Македонија во воениот конфликт во 2001 година: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Веби Рушидоски, Горан Миноски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Вељаноски!
Утрото на 8 август 2001-та, Прилеп загуби 10 свои синови, на кои што денес со огромна почит им се поклонуваме, за нивната храброст и несебична пожртвуваност, за мир и одбрана на нашата татковина.
Хероите на Прилеп, ќе останат вечно врежани во срцето на прилепчани, во историјата на нашата татковина, во меморијата на овој непокорен народ, кој својата слобода, независност и интегритет, секогаш ја испишувал, крваво.
Почитувани присутни, овој ден остава траен белег во колективната свест на прилепчани и во меморијата на македонскиот народ.
На овој ден 2001 година рафали од терористички напади го нападнаа конвојот на стотина прилепски армиски резервисти, кај Карпалак, кои што на тој ден тргнаа да ја бранат татковината, да ја бранат слободата и независноста на Република Македонија. А потоа Прилеп ја доби најлошата вест во својата понова историја – конвојот од прилепскиот армиски состав, кукавички нападнат од заседа.
Драги мои сограѓани, болката за нивната прерана смрт не можеме да ја потиснеме, ни по 23 години.
И, стоејќи тука пред нивниот споменик, именуван како „Прилепски Бранители“ секоја година даваме завет дека ќе го чуваме нивниот спомен, дека ќе ја чуваме оваа наша земја македонска и дека нема да дозволиме повеќе да има човечки жртви, понижувања и војни, туку разбирање, почитување и решавање на конфликите преку дијалог.
Македонскиот идентитет и јазик се неприкосновена реалност на нашиот народ, тие се наше наследство од претходните генерации и аманет за идните генерации.
Карпалак ќе боли засекогаш, но ќе остане вечен спомен кој ќе потсетува на храбрите македонски синови кои за својата земја го дадоа највредното, нивниот живот.
Слава им на нашите прилепчани, на нашите големи македонци, браќа, другари и пријатели, кои што борејќи се храбро, го загубија својот живот, но нивното дело за Македонија ќе остане вечно запаметено.
ВЕЧНА ИМ СЛАВА НА ХЕРОИТЕ!
ДА ЖИВЕЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА !” – истакна прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.