Вистинската прошка не постои без исповедање на полнотата на верата, без живот според верата и отфрлање на секаква лага и секакво зло

Сподели го ова:


Вистинската прошка не постои без исповедање на полнотата на верата, без живот според верата и отфрлање на секаква лага и секакво зло. Повикани сме да сфатиме дека прошка нема таму каде нема признание за гревот и прошката е невозможна доколку не произлегува од Бога. Живееме во свет каде сѐ повеќе се губи чувството за гревот, исчезнува моралното начело. А таму каде што не постои моралниот закон, не постои ни грев. Каде нема признание за грев, не може да се добие прошка. Нема полошо нешто од онаа студена рамнодушност со која човекот на денешницата ги живее сите искуства. И прошката се претворила во една формалност. Но кога некој ќе се реши со искрено покајание да го направи првиот чекор кон другиот, тогаш се случува чудо кое ги преобразува душите, зашто искреното проштевање е чудо и благодат, дар од Бога. Колку повеќе човекот навлегува во духовниот живот и ја спознава погибелноста на гревот, толку посилно копнее по прошка од Бога и од другите. И толку повеќе е способен да прости. Пред да се нурнат во длабочините на посниот подвиг и да зачекорат низ духовната пустина на Светата Четириесетница, браќата и сестрите од нашите Обители го искористија ова од Црквата дадено време, да се смират пред своите ближни. Признавајќи ја својата грешност и барајќи прошка, најпрвин со длабок поклон пред Старецот и владиката Партениј, кој татковски ги зема на себе сите наши слабости, а потоа и еден од друг, тие ги отворија своите срца за очистителната благодат што ги посетува оние кои се каат. И потресните стихири и силните зборови на молитвите што извираа од устата на Старецот, неговиот благ, умилителен поглед, сè се слеа во еден силен бран кој ги будеше присутните за покајание и ги оросуваше нивните лица со солзи. Оваа духовна бања беше она што толку многу им беше потребно на сите за да ги ослободи нивните души од товарот на себељубието и предаденоста на страстите, та така олеснети да можат посигурно да го започнат посното поприште. ОБЈАВАТА Е ПРЕВЗЕМЕНА ОД ИНТЕРНЕТ СТРАНАТА НА БИГОРСКИОТ МАНАСТИР





Сподели го ова:

Слични објави