ВИДЕО: Советникот Рикалоски ја нокаутира СДСМ во однос на лагите за мигрантите
Денес се одржа петта, вонредна седница на Советот на Општина Прилеп.
На дневен ред на седницата беа две точки:
Предлог-заклучок по информацијата за можно згрижување на одбиени баратели на азил од Велика Британија на територијата на Општина Прилеп, и
Предлог-одлука за прифаќање на донација на детски новогодишни пакетчиња од компанијата КАМ ДОО.
Точките беа усвоени и по однос на првата точка се донесе следниот заклучок:
ЗАКЛУЧОК
ПРОТИВ ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ ЗА МИГРАНТСКИ КАМПОВИ И ПОЛИТИЧКИТЕ МАНИПУЛАЦИИ
1.СЕ ОСУДУВА лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициски политички субјекти, преку кои во јавноста се пласираат невистини и инсинуации за наводно прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови на територијата на општините.
2. СЕ КОНСТАТИРА дека ваквите дезинформации се шират свесно и континуирано, со цел создавање паника и чувство на несигурност кај граѓаните, што директно ја нарушува стабилноста и спокојството во локалните заедници.
3. СЕ ПОТВРДУВА дека на територијата на oпштина Прилеп нема, ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или какви било трајни форми на сместување мигранти.
4. СЕ УТВРДУВА дека со овој заклучок се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови, и се потврдува јасна и непроменлива политика против нелегалната миграција, во интерес на безбедноста на граѓаните.
5. СЕ ИЗРАЗУВА поддршка на политиките на Владата насочени кон спречување на нелегалната миграција, заштита на државниот суверенитет и обезбедување стабилност и безбедност во локалните заедници.
6. СЕ ИСТАКНУВА дека меѓуетничките односи, стабилноста, толеранцијата и меѓусебното почитување се темелни вредности на локалната заедница и дека секое неодговорно политичко дејствување кое може да ги наруши овие односи претставува сериозна закана за општествената кохезија.
7. СЕ ПОВИКУВААТ сите политички субјекти, јавни функционери и јавни чинители да покажат одговорност во јавниот говор, да ги почитуваат фактите и да се воздржат од ширење лаги и манипулации кои можат да предизвикаат страв, тензии и нарушување на јавниот ред во општината.
8. ОВОЈ ЗАКЛУЧОК претставува јасна порака до граѓаните дека Советот на Општина Прилеп стои цврсто во заштита на нивната безбедност, мирниот живот и стабилноста на нашата локална заедница.
9. Со цел целосна транспарентност и навремено информирање на јавноста, овој заклучок ќе биде објавен на официјалната интернет страница на општината, како и преку останатите официјални канали за комуникација на општината, заради целосно и точно запознавање на граѓаните со нивната содржина и со ставовите на Советот.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Во изминатиот период, во јавноста и меѓу граѓаните на општините се пласираа лажни сценарија и политички манипулации поврзани со наводно прифаќање мигранти и изградба на мигрантски кампови. Овие тврдења, кои не се засноваат на никакви факти или реални одлуки, предизвикаа вознемиреност, страв и чувство на несигурност кај дел од населението.
Прашањата поврзани со безбедноста, јавниот ред, стабилноста и квалитетот на животот имаат директно влијание врз локалните заедници и се од суштинско значење за работата на општинските институции. Затоа, Советот на општината има обврска јасно и недвосмислено да реагира кога преку дезинформации и политички конструкции се создава паника кај граѓаните и се нарушува општествениот мир.
Со овој заклучок, Советот испраќа јасна порака дека на територијата на општината нема, ниту било, ниту ќе има воспоставување мигрантски кампови или трајни форми на сместување мигранти. Истовремено, се става крај на сите шпекулации и лажни сценарија што се користат за дневнополитички цели, на штета на граѓаните и локалната стабилност.
Дополнително, со усвојувањето на заклучокот се осудува неодговорниот јавен говор и политичките манипулации кои можат да ги нарушат меѓуетничките односи, толеранцијата и соживотот во општината – вредности кои претставуваат темел на локалната заедница и мора да бидат заштитени од секоја форма на злоупотреба.
Заклучокот претставува и израз на поддршка на политиките насочени кон спречување на нелегалната миграција, како и јасна определба на општината да стои во заштита на безбедноста, мирниот живот и интересите на своите граѓани.
Со ова образложение, Советот на општината ја потврдува својата одговорност да реагира навремено, јасно и транспарентно, секогаш кога локалната заедница е изложена на дезинформации, страв и политички манипулации.















