ВИДЕО: Денеска на јарболот пред зградата на Општина Прилеп беше кренато ромското знаме

Сподели го ова:
























По повод Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април денеска на јарболот пред зградата на Општина Прилеп беше кренато ромското знаме. На свеченоста присуствуваа градоначалникот Борче Јовчески, Претседателот на Совет Дејан Проданоски и претставници од ромската заедница.

Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески истакна дека Ромската заедница за нас претставува нераскинлив дел од нашето мултиетничко, мултикултурно и мултирелигиско општество во кое секојдневно се залагаме за надминување на стереотипите и бариерите со кои што се соочуваме:

„Пред нас се многу предизвици, Меѓународниот ден на Ромите е можност да се потсетиме на обврските во заштитата на човековите права и да ги потврдиме обврските во промовирањето на еднаквоста и недискриминацијата на Ромите во  Република Македонија. Како Локална самоуправа имаме план да се насочиме кон подобрување на квалитетот на животот, образованието и инклузија во сите сфери на општеството со цел да обезбедиме подобри услови за развој и интеграција на нашите сограѓани Роми и нивната социјална и економска состојба. За таа цел соработуваме и со голем број домашни и странски организации и донатори. Годинава се одбележуваат 51 година од првиот Светски ромски конгрес, кој на 8 април 1971 година се одржал во близината на Лондон, кога активисти од Европа ги потврдиле ромското знаме, химна, јазик, култура и ромскиот идентитет на повеќе од 12 милиони Роми во Европа. Ромите се најбројното етничко малцинство во Европа. Упатувам честитки до сите со желби за добро празнично расположение, многу здравје мир и благосостојба во вашите семејства. Нека е честит 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите“, истакна градоначалникот Борче Јовчески.

Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април официјално е прогласен во 1990 година  на Светскиот конгрес на Меѓународната унија за Ромите во Полска. На конгресот претставници на Роми од 14 држави донесоа одлуки за знаме, химна, за прогласување на ромскиот јазик и за воведување на терминот Ром. На Првиот конгрес на Роми во Лондон во 1971 година, ромскиот јазик е деклариран како официјален јазик на сите Роми во светот.




Сподели го ова:

Слични објави