ТРАДИЦИЈАТА ПРОДОЛЖУВА: По 36-ти пат се одржаа Мариовско–Мегленските културни средби во манастирот „Свети Илија“
Со богата културно уметничка програма, пред многубројните посетители и оваа година по 36-ти пат, се одржаа Мариовско–Мегленските културни средби во манастирот „Свети Илија“ кај Витолиште. Оваа традиција на среќавање помеѓу мариовците кои што се исселиле од овие простори во потрага по подобар живот или биле присилно исселени, дефинитивно мора да продолжи. Овие средби за одржување на контактите помеѓу македонскиот народ, се од суштинско значење како за Мариовскиот регион и за општина Прилеп така и за Република Македонија.
“Упатив голема благодарност за организацијата до Здружението „Мариовско-мегленски културни средби“ од Прилеп затоа што одржувањето на овие средби е од круцијално значење. Со тоа што ги негуваме културните традиции и го истакнуваме македонскиот идентитет исто така се трудиме и да го промовираме Мариовскиот регион како извонреден потенцијал за развој на руралниот туризам. Локалната самоуправа ќе продолжи да ја поддржува оваа манифестација и се надевам дека во иднина сите заедно ќе придонесеме за одржување и зачувување пред се на оваа прекрасна, чиста животна средина”-истакна прилепскиот градоначалник Јовчески.