Стевановски: Уште еден значаен проект за Општина Новаци – систем за наводнување
Министерот Трипуновски го потпиша договорот за доделување директен грант со Делегацијата на ЕУ, финансиран од ИПА III програмата за 2021 година. Со овој договор се обезбедува грант за проектот „Изградба на мали, нискотрошковни, еколошки системи за наводнување во Сопот и Новаци“, со вредност од 4,1 милиони евра – европски средства и национално кофинансирање од 1,5 милиони евра. Официјално, проектот започнува на 30-ти јануари 2026 година. Малите системи за наводнување во Сопот и Новаци ќе овозможат флексибилно и ефикасно наводнување, особено во оддалечените области.

“Со особена гордост ги информирам нашите сограѓани дека денес министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, го потпиша договорот за директен грант со ЕУ, финансиран од ИПА програмата кој има големо значење за Општина Новаци и за нашите земјоделци. Со реализацијата на овој систем кој ќе опфати околу 400 хектари плодно земјоделско земјиште се подобруваат условите за земјоделско производство, ќе се зголеми ефикасноста во користењето на водните ресурси и ќе се обезбеди посигурно и поквалитетно наводнување на обработливите површини. Ова е директна поддршка за локалниот развој и економијата во општината. Благодарност до Министерството и до министерот за поддршката и посветеноста кон руралниот развој. Ќе продолжиме навремено да ги информираме граѓаните за следните чекори од реализацијата” – истакна градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски.
Со ваков вид на проекти директно се придонесува за зголемување на продуктивноста во земјоделството, одржливо управување со водата и прилагодување кон климатските промени, во согласност со целите на ЕУ и Европскиот зелен договор.


















