Прилепскиот градоначалник Јовчески со честитка по повод големиот државен празник 24-ти Мај, Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј

По повод денешниот празник-денот на сесловенските просветители и учители Свети Кирил и Методиј, честитка до своите сограѓани упати и прилепскиот градоначалник Борче Јовчески. Неговата честитка до прилепските сограѓани, целосно Ви ја пренесуваме во прилог:
“Почитувани сограѓани, Дозволете да ви го честитам големиот државен празник 24 Мај, Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј.Честитајќи го овој празник се сеќаваме на големите македонски просветители кои што ни го подарија најголемото богатство, писменоста. Ликот и делото на основачите на првата словенска азбука-глаголицата, е нераскинлив дел од македонскиот идентитет, јазик, историја и култура. Многу народи ширум Светот се благодарни на делото на Кирил и Методиј, а ние посебно мораме да бидеме горди чувари на своите корени и историја. Благодарение на нив, денес јас имам можност да ви го честитам овој празник, а вие почитувани сограѓани можете да ме разберете. Отворајќи го патот кон описменувањето, духовноста и борбата старословенскиот јазик да биде рамноправен јазик во богослужбата, Светите браќа ни ги оставаат во аманет овие вредности кои мораме да ги негуваме за да ја одржуваме еднаквоста во денешното општество.Нека ни е честит и вековит 24-ти Мај, Денот на словенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј!”-истакна Јовчески во својата честитка, по повод денешниот празник-денот на сесловенските просветители и учители Свети Кирил и Методиј.