ВИДЕО: Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески ги посети семејствата кои останаа без покрив на главата и сочуствуваше со нивната трагедија

Четири семејства останаа без покрив на главата, кога за неполн час од удар на гром изгореа нивните семејни куќи. И покрај навремената интервенција на противпожарната единица Прилеп, куќите изгореа до темел, но за среќа избегната е најголемата трагедија, нема човечки жртви. Рано утрово, прилепскиот градоначалник Борче Јовчески ги посети семејствата и сочуствуваше со нивната трагедија.
“Веднаш утрово повикав итна средба со сите релевантни структури и претставници на институции со цел да им излеземе во пресрет на овие семејства на кои им се случи оваа трагедија и се она што го печалеле цел живот го снема за миг. Јавните комунални претпријатија уште во раните утрински часови со свои екипи се присутни на терен и ги расчистуваат остатоците од опожарените куќи. Овие семејства ќе бидат ослободени од комунални давачки додека се обновуваат нивните куќи а Општината ќе помогни со максималната можна финансиска помош предвидена за вакви немили случки. На семејствата ќе им биде понудено привремено сместување во прилепскиот Интернат и во Старскиот дом и ќе добиваат топол оброк од кујната на домот.Во оваа прилика сакам да упатам апел до сите општествено одговорни компании како и сите хумани луѓе, да им излезат во пресрет и да им помогнат на овие семејства да си ги обноват своите домови, затоа што секоја помош е добредојдена”-истакна Јовчески.