Прилеп ќе почне економски да се развива! Започна процес на измена на текстуалниот дел на ГУП

Сподели го ова:





























Во исчекување на предлог-законот за легализација, Прилеп бара посигурна можност за развој преку текстуалните измени на ГУП (Генералниот урбанистички план) што важеше до 2023 година. Текстуалните измени едноставно ќе му го продолжат рокот на стариот ГУП до донесувањето на новиот, по три години.
Штом текстуалните измени на ГУП се донесат оваа пролет, градот има надеж за развој, велат надлежните. Целта е да се ослободи просторот и да почне да се гради во Прилеп.
„Во последните 8 години, можам да кажам, на прсти се бројат издадените градежни дозволи. Имавме проблеми со развојот на економијата, затоа што ГУП-от не е на иста бранова должина со деталните урбанистички планови. За да може легално да почне да се издаваат градежни дозволи, да нема никакви застои и проблеми и да може да се развива економијата во градот, започнавме со еден процес на измена на текстуалниот дел на Генералниот урбанистички план, кој е основен документ за целокупниот понатамошен развој на градот. Но, треба да знаат граѓаните дека изработката на Генералниот урбанистички план на една општина, особено на голема општина, би траела најмалку неколку години, во оптимална рамка од 24 до 36 месеци. Стопанствениците чекаат долг период и немаме повеќе време за чекање.
Целта е да се ослободи просторот и да почне да се гради во Прилеп.
Оваа измена во текстуалниот дел не се коси со законите. Генералниот урбанистички план би функционирал сè до изработката на новиот, а за носењето на новиот урбанистички план се надевам дека ќе успееме да го изработиме до крајот на мандатот“, потенцира градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, кој верува дека со овие текстуални промени на ГУП значително ќе се забрза интересот за инвестирање во Прилеп.
Со измените, ако минатата година биле издадени само 100 градежни дозволи, годинава, според Секторот за урбанизам на локалната самоуправа, бројот на издадени градежни дозволи двојно би се зголемил. Интересот, велат од овој сектор, е поголем кај физички лица, помал кај стопански субјекти, а одобренијата за градба најчесто се од сферата на индивидуалното и колективното домување и од стопанството.
Во моментов, во Општина Прилеп, во фаза на донесување се 18 ДУП-ови за градот Прилеп, а уште 29 ДУП-ови се планирани за околината на градот и населените места.




Сподели го ова:

Слични објави