Општина Гевгелија со пофални зборови за “Весел Театар by BALADA” и Народен театар-Прилеп
Овој месец, гевгелиската публика имаше можност да погледне две одлични претстави кои доаѓаат од градот под Марковите Кули. Првата претстава “Авантурите на Пипи Долгиот чорап” е дело на прилепскиот Весел Театар, а втората претстава е од Народен Театар Прилеп кои во понеделникот настапија во гевгелискиот театар со претставата
Весел театар- познат детски бренд благодарение на своите квалитет и креативност, годишно има над 150 настапи низ цела Македонија (театарски сали, Центри за култура, градинки, Трговски центри и молови, корпоративни забави…). “Весел театар” не е само обичен театар како некои други, тоа е театарски тим во кој се вклучени: професионални костимографи, 4 педагошки лица кои работат при изработка на сценариото на претставите, а песните за детските музички претстави се снимаат во професионално музичко студио. Зад музичката обработка на театарските песни стои докажан музички тим: Гоце Балада и Рубин Димкоски од групата МЕМОРИЈА, докажан тандем кој во последниве години во етер има пуштено над 120 детски музички песни за фестивали, мјузикли за деца и театарски претстави.
Во прилог, погледнете ги пофалните зборови од Општина Gевгелија за двете одлични претстави од “Весел Театар by BALADA”-Прилеп и Народен театар-Прилеп:
“ИГРА, УЧЕЊЕ И ДРУГАРСТВО: „ПИПИ ДОЛГИОТ ЧОРАП“ НА ВЕСЕЛ ТЕАТАР- ПРИЛЕП ГИ ОСВОИ МАЛИТЕ ГЛЕДАЧИ ВО ГЕВГЕЛИЈА
На 9 октомври 2025 година, на сцената на Народниот театар во Гевгелија, дечињата од предучилишна возраст уживаа во претставата „Пипи Долгиот чорап“, во изведба на Весел театар- Прилеп. Гостувањето на претставата е дел од повеќедневните активности обединети во програмата „Јас сум дете- ги знам моите права“ во организација на ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија, коишто се реализираат во рамки на Детската недела и е составен дел од културната програма на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.
Преку ликовите од „Пипи Долгиот чорап“, актерите Гоце Илиески- Балада и Теона Богданоска директно ги вклучуваа децата во сцените, ги поттикнуваа да учествуваат, да реагираат, да одговараат прашања и да носат свои одлуки во текот на претставата. На овој начин, децата стануваа активни учесници, а не само пасивни набљудувачи. Покрај забавата, претставата пренесува важни пораки за искреното другарство, чесноста, почитта кон возрасните и убавините на детството и градинката. Оваа интерактивна форма на театар им помага на децата да ги разберат своите права, вклучувајќи го и правото на учество во културни и уметнички активности, и им овозможува да се чувствуваат значајни и слушнати.Овој настан како дел од манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ има за цел да ја зајакне културната сцена на градот и да создаде интерактивен културен простор за сите генерации. Претставата „Пипи Долгиот чорап“ е пример како културата и уметноста можат да ги зближат децата со актерите, поттикнувајќи ги да учат, да се забавуваат и да развиваат љубов кон театарот и културата уште од најрана возраст” – стои во официјалното сопштение од Општина Гевгелија.

„ЧИСТА КУЌА“ НА ПРИЛЕПСКИ ТЕАТАР- ПРЕТСТАВА ШТО ОСТАВА ТРАГА И ОТВОРА КОПНЕЖ ПО СМИСЛА И ЧОВЕЧНОСТ
“Постојат претстави што ги гледаш. И постојат претстави што ги живееш, што по завршувањето не те пуштаат да заминеш од салата ист- зашто нешто во тебе е веќе раздвижено, ослободено, прочистено. На 28 октомври 2025 година (вторник), на сцената на Народниот театар во Гевгелија, публиката проследи една од највпечатливите театарски претстави во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“- „Чиста куќа“, во изведба на Народниот театар „Војдан Чернодрински“- Прилеп. „Чиста куќа“според сценарио на Сара Рул, во превод и режија на Тамара Стојаноска, ја користи секојдневноста како платно, но ја бои со филозофија, емпатија и суптилен апсурд. Не е само приказна за луѓе што се обидуваат да ги средат своите животи- тоа е драмска исповед за болката, љубовта и човечката потреба за прочистување. Пет различни лика, пет животи испреплетени со доживеана траума, неуспешна љубов, нереализирано „јас“, загуба и надеж, откриваат дека зад секој насмев и секоја тишина се крие нешто подлабоко- копнеж по смисла и мир. На прв поглед, приказната за неколку жени и еден маж во нивниот испреплетен свет изгледа едноставно, но зад секоја реплика се кријат прашања што болат, прашања кои ретко се осмелуваме да си ги поставиме: „Дали она што го правиме во животот навистина има смисла? Дали нè исполнува? И колку долго можеме да ги криеме неправдите и болките без да се претвориме во нешто што не сме? И дали уште една доживеана неправда е доволна за да се осветиме, за конечно да го живееме животот?“ Актерската екипа, составена од: Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Јасмина Мицовска- Станкоска и Димитар Ѓорѓиевски, го понуди она што ретко се гледа на сцената- чиста, длабока и човечка игрa, разоткривајќи ги кревкоста и комплексноста на човечките односи, смеата како одбрана, и прочистувањето како чин на љубов кон себе и кон другиот. Нивното маестрално актерско остварување го одржа вниманието на публиката два часа, успевајќи преку улогите да предизвикаат катарза- она вистинско „чистење“ на душата што го носи големиот театар. Низ следењето на етапите на драмското дејство, како колективно вдишување по нешто свето, присутните останаа без зборови, а многумина пуштија и солзи. Потоа, следеа долготрајни аплаузи, кои повеќе звучеа како искрена благодарност отколку како обична пофалба, потврдувајќи ја длабоката емотивна врска што ја создадоа актерите со присутните. Со оваа изведба, симболично беше одбележан и Розевиот октомври- Месецот на женското здравје, бидејќи една од ликовите во претставата се соочува со канцер на дојка. Овој мотив ја прошири претставата надвор од границите на сцената, претворајќи ја во интимен разговор за храброста, женската сила и достоинството пред болката. „Чиста куќа“ во Гевгелија не беше само театар- беше огледало. Огледало во кое секој гледач ја препозна својата тишина, својата љубов, својата борба. Во времиња кога светот често изгледа премногу бучен и површен, оваа претстава потсети дека прочистувањето започнува одвнатре- со искреност и простување, кои се покажуваат како единствената вистинска форма на љубов. Во рамки на „Гевгелија град на култура за 2025 година“, соработката помеѓу Домот на култура „Македонија“- Гевгелија и НУЦК „Марко Цепенков“- Прилеп покажа дека културата во Гевгелија не е само настан или програма, туку живо искуство што ги обликува емоциите и колективното чувство на граѓаните – стои во официјалното сопштение од Општина Гевгелија.


















