Одличен чекор! Прилепскиот храм св.Петка ќе ги вклучува дечињата во литургиите на црквата
Прилепскиот црковен храм св.Петка упати повик за деца облечени во свечени стихари, да носат рипиди, свеќници и икони за време на Малиот и Големиот вход на Литургијата, како и за време на литиите.

Почитувани родители,
Со цел да ја продолжиме и одново заживееме убавата традиција на вклучување на младите во животот на црквата, храмот „Св. Петка“ од Прилеп ве повикува да ги пријавите вашите деца за активно учество во нашите богослужби. Оваа традиција, која беше честа до пред неколку децении, подразбира деца облечени во свечени стихари да носат рипиди, свеќници и икони за време на Малиот и Големиот вход на Литургијата, како и за време на литиите. Со нивното учество, тие не само што ќе придонесуваат за свеченоста на богослужбата, туку и ќе се воведат во црковниот живот на начин што ќе им помогне во духовното и морално издигнување.
Оваа активност има силен воспитно-образовен карактер, бидејќи децата преку своето учество ќе се учат на одговорност, дисциплина, љубов кон Бога и ближните, а истовремено ќе растат во благочестивост. Ваквата форма на вклучување ги поттикнува младите генерации да ги развијат своите духовни и морални вредности, што е од непроценливо значење во денешното време.
Планираме да формираме две-три групи од по 4-5 деца, кои наизменично ќе учествуваат на богослужбите. За нив ќе бидат изработени специјални облеки (стихари), а нивната задача ќе биде да учествуваат на Литургијата. Родителите ќе имаат обврска да ги донесат децата во храмот, според утврдениот распоред, на богослужба во недела или на големи празници, со почеток во 8:00 часот.
Пријавувањето ќе се одвива во наредните неколку неделни седмици по завршувањето на богослужбата во недела а може да се пријават деца постари од 5 години.
Се надеваме дека ќе ја препознаете вредноста на оваа иницијатива и ќе помогнете да го разубавиме богослужението во слава на Бога, со учество на нашите најмлади – се вели во објавата на црквата св. Петка – Прилеп.
