Од превенција до терапија: Прилепската болница во борба против зависностите од коцкање
ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп ја информира јавноста дека во рамките на Невропсихијатриското одделение и Кабинетот за медицинска психологија функционира Советувалиште за зависност од коцкање, игри на среќа и интернет.
Станува збор за една од ретките вакви форми на стручна поддршка во државата и во регионот, воспоставена по примерот на Психијатриската клиника „Јанкомир“ од Загреб.
Советувалиштето е отворено пред две години и во него, во услови на целосна дискреција, се спроведува кратка динамичка терапија со лица кои се соочуваат со последици од зависничко однесување поврзано со коцкање, игри на среќа и интернет.
Според искуствата од работата на стручниот тим, оваа појава е сериозен предизвик и на локално ниво, при што се засегнати лица од различна возраст и социјална структура. Токму затоа, покрај третманот, особено внимание се посветува на превенцијата, раната детекција и едукацијата.
Во рамките на редовните активности, Советувалиштето во соработка со средните училишта реализира превентивни едукативни работилници и обуки за волонтери од редовите на учениците и наставниот кадар.
Една од ваквите активности беше реализирана во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп, училиште кое образува и медицински кадар. Во реализацијата на работилницата учествуваа Јован Велески и котерапевтот Петре Стеваноски, во соработка со психологот и педагогот од училиштето.
ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп упатува апел до граѓаните навремено да побараат стручна помош при појава на проблеми поврзани со зависност од коцкање, игри на среќа и интернет, имајќи предвид дека навремената интервенција значително ги подобрува можностите за надминување на проблемот.
Термини за работа на Советувалиштето
Советувалиштето работи секој вторник и среда од 15:30 часот, во амбулантата на Невропсихијатриското одделение, со целосна дискреција.
Закажување преглед
За закажување преглед, граѓаните можат да се јават на телефон: 078 243 501


















