НА ПОМОШ-ЗА МНОГУ ГОДИНИ: Денеска се празнуваат св. Гаврил Лесновски и Прохор Пчински
Според календарот на МПЦ, денеска се празнуваат Преподобен Гаврил Лесноски и Преподобен Прохор Пчински.
Преподобен Гаврил Лесноски се родил во местото Осечко Поле кај Крива Паланка. Неговите родители долго време немале деца, но по нивните молитви милостивиот Бог ги дарувал со машко чедо. Детето добило соодветно образование и не се одвојувало од Светото Писмо. Кога дошло време да се ожени, родителите му нашле девојка од царски род, но таа набргу починала. Тогаш Гаврил ги замолил своите родители да се оддалечи од домот и да се замонаши. Тој добил благослов и заминал. Ноќе, на сон му се јавил ангел, кој му рекол да оди во своето родно место и да изгради црква посветена на Рождество на Пресвета Богородица, на местото што тој ќе му го покаже. Откако се разбудил, Гаврил се вратил назад и им раскажал на своите родители за сонот, а тие му дале пари и тој ја изградил црквата. Преподобниот заминал за Лесновскиот манастир и таму бил замонашен. Постојаните посети од луѓето го натерале светителот повторно да замине оттаму, па се преселил во местото Луково, во една мала шума. По некое време, свети Гаврил заминал уште подлабоко во дивината, на местото Облов Врв, каде што поживеал уште триесет години. Таму го завршил својот свет живот и се претставил пред Господ. Неговите мошти на чудесен начин биле пронајдени на Облов Врв и биле погребани во Лесновскиот манастир. Забележани се многу исцеленија на овој гроб. Неговите мошти денес се наоѓаат во Трново, во храмот посветен на Светите Апостоли.

На Преподобен Прохор Пчински, Бог му го покажа местото на неговиот подвиг. Тоа место беше на брегот на реката Пчиња. Свети Прохор се подвизуваше таму до старост и до својата смрт. Само Едниот Бог знае за сите негови подвизи и искушенија што ги претрпе во текот на овој живот. Но според неговите мироточиви мошти и безбројните чудесни исцеленија, коишто и денес не престанаа, може да се суди за големината на Божествената благодат што му ја подари Бог за неговите големи страдања. Свети Прохор се упокои и се пресели во Царството Небесно во 9 век.