|

Гулабоски ексклузивно за “STANICA.MK”: ЈКП “Водовод и канализација“ и прилепчани треба да создадат заедничка врска која што ќе вроди плод и голема заедничка доверба едни кон други за подобар и поуспешен Прилеп

Сподели го ова:


























Информативниот тим на “STANICA.MK” како најактуелен информативен портал секогаш соработува со нај-актуелните. А кога зборуваме за нај-актуелните, како и за сето она што е актуелно изминативе шест дена, тоа е дека конечно ЈКП “Водовод и канализација” – Прилеп доби нов директор, човек со големо професионално искуство во приватниот сектор, искуство кое со сигурност самиот тој ќе го примени преку успешно менаџирање со ова Јавно-Комунално Претпријатие. Станува збор за нашиот прилепчанец Игор Гулабоски, кој веќе шести ден е в.д директор на ЈКП „Водовод и канализација“-Прилеп. Имено, Гулабоски по професија е инжинер технолог кој има над 18 годишно работно искуство во приватна компанија како технолог-менаџер. Станува збор за човек кој што веќе многу добро е познат на прилепчани по своите менаџерски способности. Кога го посетивме Директорот Гулабоски тој само што се врати од терен, каде што ги решаваше штотуку појавените актуелни проблеми низ улиците во Општина Прилеп. Откако топло не пречека како добар-вистински домаќин, преминавме кон самото интерјву, односно кон разговорот за сето она што ги интересира прилепчани-нашите сограѓани, а тоа е во кој правец ќе се движи ЈКП “Водовод и Канализација”-Прилеп, и дали навремено ќе се решаваат проблемите во Општина Прилеп.

Директорот Гулабоски откако ни призна дека ние сме првата новинарска екипа за која што го дава првото свое интервју како в.д. Директор,  го започнавме веднаш нашиот разговор со прашањето: “Што е потешко-Дали да се менаџира со европска докажана приватна компанија, каква што беше компанијата во која што Гулабоски до сега работеше, или потешко е да се менаџира и управува со ЈКП-како што е “Водовод и Канализација”-Прилеп?

Да, точно така како што кажавте, јас доаѓам од приватниот сектор од каде што целокупното мое досегашно знаење и искуство, сега ќе го применам во Водовод и канализација-Прилеп, во насока на што поуспешно мое менаџирање со ова наше прилепско јавно-комунално претпријатие. Во однос на прашањето каде е потешко да се менаџира, можам да нагласам дека и приватниот и државниот (општински) сектор бараат многу труд, работа и огромна посветеност за да се успее, а за сето тоа, тука е мојата менаџерска способност која што ќе направи ефикасен менаџерски баланс онаму каде што е потребно, се со цел сето тоа да биде во интерес на граѓаните на општина Прилеп.

Г-дине Гулабоски, Вие имате голем рејтинг помеѓу прилепчани, на што се должи сето тоа?

Па искрено, сето тоа се должи на моето лично стекнато искуство во приватна компанија. Станува збор за странска инвестиција, донесена во нашиот град лично од мене и поранешниот градоначалник Ристески. Имено, во таа компанија на почетокот почнавме со еден вработен (само со мене), а сега како резултат на успешното менаџирање денес таа компанија има околу 100 вработени, а сето тоа подразбира и обезбедена егзистенција за околу стотина прилепски семејства, за каде што личен придонес имам јас. Искрено, сметам дека најмногу граѓаните ме познаваат од тука, точно од сето ова што го кажав претходно, како и од мојот личен придонес за самиот наш град.

Директоре Гулабоски, важите за динамичен човек во своето досегашно работење, а она што е интересно е фактот дека уште во првите неколку дена откако станавте директор, веднаш направивте ноќна обиколка на улиците во Општина Прилеп, се со цел за да ја констатирате реална состојба со водоводната и канализационата мрежа во Општина Прилеп. Што ќе изјавите во однос на сето ова?

Да, точно така, тоа го направив веднаш откако дојдов како Директор во Водовод и канализација-Прилеп. Имено, таа навика ми е стекната уште во приватниот сектор, навика според која што работното време за мене не завршува во 15 часот, бидејќи за да се постигне конкретен работен успех, потребна е постојана посветеност на своето работно место. Сакам да нагласам дека јас додека работев во приватниот сектор, во интерес на работното место и работните ангажмани постојано бев достапен и после моето работно време. Дел од моите работни обврски се случуваа веднаш после моето работно време, при што после работата имав време само да дојдам дома за да ручам, и веднаш да заминам повторно на работа-доколку така налагаа моите работни обврски, се со цел за навремено достигнување на зацртаните работни обврски.  Оваа моја стара навика, веднаш ја применив и во  ЈКП Водовод и Канализација-Прилеп, местото каде што веќе шести ден сум директор. Уште во првиот работен ден овдека се посветив кон анализа на работата и работниот процес, а веќе во вториот ден имав веќе иницијатива за средување на некои шахти за кој што проблем со години стои нерешен, при што едноставно сакав да направам една обиколка за да заедно со дежурниот електричар проверам дали сето тоа е добро направено, средено, и до каде едноставно е самата  работа. Со други зборови, јас сум единствено само така научен да работам, и можам искрено да кажам дека само така би функционирал во текот на целиот мој мандат како Директор на ЈКП Водовод и Канализација-Прилеп .

Директоре Гулабоски, врз основа на ова може да се каже дека прилепчани ќе можат да очекуваат успешни резултати од Вашето работење?

Да, точно така….Се надевам дека така ќе биде, јас се стремам кон сето тоа, а во иднина самото време ќе треба да покаже дека сето тоа ќе треба да биде така….

Г-дине Гулабоски, во јавноста се зборува дека важите за многу близок соработник и човек од голема доверба на градоначалникот Јовчески-Дали е сето ова точно?

На ова прашање ќе одговарам со едно кратко ДА…Да, точно e сето тоа за мене, а довербата од градоначалникот за мене претставува една голема одговорност, која што преку мојата постојана работа во ЈКП Водовод и канализација-Прилеп ќе морам да ја оправдам. Инаку укажаната доверба која ми ја даде градоначалникот Јовчески јас ќе морам да му ја вратам преку посветена работа и голем вложен труд, се со цел граѓаните да имаат што помалку проблеми со ЈКП Водовод и каналзиација-Прилеп.

Директоре Гулабоски, само што дојдовте во “Водовод и канализација”-Прилеп, како за  Ваше “добре дојде”, се појавија неколку неочекувани проблеми, за кои што Вие, Вашиот тим, и градоначалникот Јовчески сте постојано на терен во насока на нивно решавање, и можам да констатирам дека успешно се справувате уште од самиот Ваш почеток. Што ќе ни изјавите во однос на сето ова?

Да, токму така…Со самото мое доаѓање, се појавија некои неочекувани проблеми, кои како што рековте ми посакаа добре дојде во ЈКП Водовод и канализација-Прилеп. Првиот, е еден голем штотуку настанат проблем, кој што не се случува баш често. Станува збор за настанат проблем на ул.Тризла, при што веднаш од наша страна се пристапи кон санација на дефектот на водоводната линија ф400 на ул. Тризла преку која се снабдува високата зона на градот и тоа на потег од ул.”Ердован Шабаноски”, нас.”Марино Маало”, нас.”Кузман”, нас.”Рид” и нас.”Тапани”.  Во интерес на здравјето на нашите работници, работата во однос на санацијата беше прекината рано изутрина, се со цел нашите вработени малку да одморат, за да точно ова утро во 7 часот истите да продолжат со работа. Имено, штом се појави проблемот, уште вчера излеговме заедно со Градоначалникот Борче Јовчески, при што во консултација со месното население и инженерите од ЈКП “Водовод и канализација “- Прилеп се одлучи да се пристапи кон санација на настанатиот проблем. Имено, со ваков тип на дефект се немаме соочено во изминативе 15 години. Во моментов, овој проблем е во доста голема напредна фаза во однос на негово рекордно решавање.

Важите за фамилијарен семеен човек…Колку г-дине Гулабоски сте подготвени сега паралелно да одговорите и на обврските кон ЈКП “Водовод и Канализација “ и кон домашните обврски во однос на својата фамилија?

Да, во право сте…Јас сум фамилијарен-оженет човек кој освен сопруга имам и две деца…Имено, моето семејство е веќе навикнато на мојата посветеност кон моето работно место-посебно кога работев во приватниот сектор, при што од нивна страна наидував на големо разбирање. Меѓутоа, искрено морам да признаам дека во однос на мојата функција да бидам Директор на ЈКП “Водовод и канализација“, разговарав и со моите најблиски дома, при што исто како и претходно, наидов на разбирање и поддршка од нивна страна, затоа што и моите дома знаат каква динамична личност сум всушност јас, и дека никој не може да ме смени…

Во каква состојба го затекнавте ЈКП “Водовод и канализација“ откако дојдовте на функцијата Директор?

Од страна на претходниот Директор на ова ЈКП имам извештај за моменталната финансиска состојба, извештај кој што треба внимателно да се разгледа. Искрено, доста работи се поклопуваат –не можеме да речеме дека не се поклопуваат, меѓутоа има простор во финансиксиот дел за недоспеани фактури, меѓутоа сето тоа ќе се види и дали истите се во рамките на самиот извештај, а за сето тоа јавноста ќе биде дополнително известена, бидејќи документацијата не може да се провери за шест дена, и за сето тоа е потребно време. Добро е тоа што наплатата во ова ЈКП е добра, па врз основа на сето ова се дава можност да можеме да реагираме на вакви проблеми и дефекти како што се појавија во последниве денови се со цел за да можеме истите финансиски да ги покриеме навремено. Инаку искрено сметам дека вакви проблеми не треба често да се појавуваат и дека парите треба да се насочуваат кон решавање на други проблеми како што се обнова на водоводна мрежа.

Имено, ова беше и нашето последно прашање до новиот Директор Гулабоски, а веднаш штом го завршивме нашето интервју, самиот тој пред да замине повторно на терен, не поздрави и нагласи дека вратите на информативниот портал “STANICA.MK” се секогаш отворени, се со цел прилепчани да можат да бидат во тек со најновите случувања во ЈКП “Водовод и канализација, бидејќи како што нагласи Гулабоски, ништо нема да се крие – и дека се ќе биде транспарентно и јавно објавено, се со цел да изградиме една успешна – заедничка врска помеѓу ЈКП “Водовод и канализација“ и прилепчани, врска која што ќе вроди плод и голема заедничка доверба едни кон други за подобар и поуспешен Прилеп.




Сподели го ова:

Слични објави