Градоначалникот Проданоски со честитка до граѓаните по повод 2-ри Август Илинден
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, до своите сограѓани како и до граѓаните на цела наша земја упати честитка по повод 2-ри Август Илинден во која се вели:
“По повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката и големиот христијански празник Свети Илија, од срце ви упатувам искрени честитки, со желби за добро здравје, мир и благосостојба во секое македонско семејство.
Илинден е најсветлиот симбол на македонската борба за слобода, правда и државност. Тој ги обединува двата најзначајни историски темели на нашата држава, Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година. Оваа година одбележуваме 123 години од Илинденското востание и 82 години од АСНОМ, два историски настана што засекогаш го трасираа патот на македонската државност.
Храброста, пожртвуваноста и непоколебливата верба на илинденците и на борците од Народноослободителната борба се аманет што нè обврзува да ја чуваме, развиваме и зајакнуваме нашата татковина. Тие ни оставија наследство кое треба достоинствено да го продолжиме со единство, одговорност, чесна работа и искрена грижа за иднината на Македонија.
Денеска нашата обврска е да градиме силна, развиена и просперитетна држава Република Македонија, општини во кои младите ќе ја гледаат својата иднина, институциите ќе бидат стабилни, а секој граѓанин ќе има можност за подобар и поквалитетен живот.
Нека илинденскиот дух нè обединува, охрабрува и нè потсетува дека само сплотени можеме да ги надминеме сите предизвици и да создадеме иднина со која ќе се гордеат генерациите што доаѓаат.
Нека е вечна Република Македонија!” – порача Проданоски.



















