Крушевскиот градоначалник Нико Чонески со моќна порака по повод 2-ри Август – Илинден

Сподели го ова:





























Градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески, вечерва преку својот говор директно од Гумење во Kрушево, упати моќна порака по повод 2-ри Август – Илинден, во која се вели:

“Драги сограѓани, браќа и сестри Македонци. Дозволете ми мојот говор да го започнам со неколку стихови кои можеби најсилно ги отсликуваат жртвата, болката, непокорот и надежта на македонскиот народ:

„Многу крвја, многу солзи земја натопија,

многу лисја гора смени, машка снага испи,

но по таа борба тешка, слобода ни светна.“

Оваа песна е само една од илјадниците песни што нашиот народ ги посветил на Илинденското востание, на неговите херои и на вековната борба за слобода.

Малку народи во светот ја претвориле својата историја во толку многу песни. Малку народи ја опеале својата болка, своите загуби и својата надеж со таква длабочина. А тоа само ни кажува колкаво место зазема Илинден во нашата колективна меморија.

Илинден е кулминација на вековниот стремеж на македонскиот народ да биде свој на своето. Да живее слободно. Да одлучува за сопствената иднина. Да не биде туѓинец во сопствената татковина.

Зад зборовите „Слобода или смрт“ стоела огромна и неодолива желба за достоинствен живот со никаква друга алтернатива, освен смрт.

Востанието, било задушено во крв, но не било поразено.

Од пепелта на разурнатите македонски градови и села се издигнал завет, кој продолжил да живее во секоја следна генерација.

Особено значајно место во тој завет има Крушевската Република. Таа траела кратко, но нејзината историска светлина трае и денес. Во тие неколку слободни денови нашиот народ покажал дека не се бори само против ропството, туку дека умее да создава власт, да воспоставува поредок и да формулира визија за заеднички живот.

Крушевскиот манифест повикал на братство и заедничка борба на сите обесправени луѓе, без разлика на нивната вера и припадност.

Во време исполнето со поделби и недоверба, илинденците зборувале за слобода, еднаквост и соживот.

Тоа ни покажува дека Илинден не бил само востание. Илинден бил државотворна идеја.

И токму затоа нишката на Илинден не завршува во 1903 година.

Таа продолжува низ народноослободителната борба и повторно се појавува на 2 август 1944 година, кога на Првото заседание на АСНОМ биле поставени темелите на современата македонска државност.

Не е случајно што и тој историски чин се случил токму на Илинден.

Истата државотворна нишка продолжила и со создавањето на независна Република Македонија.

Затоа можеме да кажеме дека Илинден е еден од најцврстите темели на нашата независност. Не само како историски настан, туку како морален код, како начин на размислување и како завет дека слободата не се подарува таа се освојува, се гради и секојдневно се брани.

Почитувани,

Денес сме собрани овде затоа што имаме обврска да го одржиме живо историското ехо на Илинден.

Да го пренесеме од генерација на генерација. Да го чујат нашите деца. Да го чујат и идните, сèуште неродени генерации Македонци.

Нашата должност не е само да положиме цвеќе, да одржиме говор и да се потсетиме на минатото.

Нашата вистинска должност е да се запрашаме: што значи Илинден денес?

Би сакал токму тука да направам една паралела помеѓу историјата и нашата сегашност.

И пред 1903 година Македонецот бил поделен по многу основи. Луѓето биле разделувани според местото од кое доаѓале, според своите погледи, интереси и влијанијата на различни пропаганди. Над македонскиот народ се судирале туѓи интереси, а неговата земја била гледана како простор што треба да биде поделен и присвоен.

И денес живееме во време на тешки предизвици.

Во време на политички, економски и општествени поделби.

Во време кога Македонците повторно се убедуваат дека мора да изберат страна едни против други. Во време кога честопати се оспоруваат нашата историја, нашиот јазик, нашиот идентитет и нашето право самите да ја раскажуваме сопствената приказна.

Во време кога не убедуваат дека сме мали, безначајни и неспособни сами да ја кроиме сопствената судбина.

На сето тоа постои само еден вистински одговор:

Обединување.

Тогаш, за илинденците, среде темнината, се појавил зрак светлина.

Се појавил идеал околу кој луѓето можеле да се обединат, под еден бајрак, со една надеж, со една цел.

Под зборовите: „Слобода или смрт“.

Идеал кој ги направил посилни од нивните поделби. Ги потсетил дека она што ги обединува е многу поголемо од она што ги разделува.

И денес ни треба такво обединување.

Не обединување во едноумие. Не обединување околу една партија, еден човек или една дневнополитичка цел.

Туку обединување околу Македонија.

Околу нашето право на достоинство. Околу нашата обврска да изградиме функционална, праведна и просперитетна држава. Околу потребата да им оставиме на нашите деца земја од која нема да сакаат да заминат, туку земја во која ќе сакаат да останат и да создаваат.

Илинденците не нè задолжиле само да ја сакаме Македонија на зборови. Нè задолжиле да ја сакаме со дела.

Со чесна работа.

Со почитување на законот.

Со грижа за ближниот.

Со зачувување на македонскиот јазик, култура и традиција.

Со надминување на омразата и ситните поделби.

Со храброст да ја кажеме вистината, но и со мудрост да ја сочуваме заедничката иднина.

Најголемата почит кон паднатите херои нема да ја покажеме само со зборовите што ќе ги изговориме денес. Ќе ја покажеме со државата што ќе ја изградиме утре.

Држава во која младите ќе гледаат надеж,

во која трудот ќе се вреднува,

во која никој нема да биде заборавен.

Држава која ќе биде почитувана затоа што најпрво самата се почитува себеси.

Нека споменот на Илинденците нè потсетува дека и во најтемните времиња постои светлина, ако има луѓе доволно храбри да ја запалат.

Постојано да се потсетуваме дека сме славен народ, кој во минатото го освоил половина познат свет, а на многу народи сме им поклониле писменост и култура.

Нека е вечен идеалот!

Вечен да е Илинден!” – порача Чонески.




Сподели го ова:

Слични објави