Градоначалникот Проданоски: Обезбедни се средства за реконструкција на државниот студентски дом „Орде Чопела“ во Прилеп!
Обезбедни се средства за реконструкција на државниот студентски дом „Орде Чопела“ во Прилеп, а сето ова претставува значаен чекор напред за подобрување на условите за сместување и живот на учениците и студентите во нашиот град.

“Со инвестиција од 4.672.878 евра, средства обезбедни од Владата на Република Македонија, се предвидува целосна обнова на објектот, замена на водоводната, електричната и топлотната инсталација, поставување фотоволтаична централа и енергетски ефикасно греење, нов систем за санитарна топла вода, термичка изолација на објектот и кровот, како и целосно внатрешно уредување. Домот ќе добие нови санитарни јазли, мебел и современи содржини за одмор, рекреација и социјализација, во согласност со европските стандарди за енергетска ефикасност.
Реконструктивните активности се планирани да започнат во средината на јули оваа година и ќе се реализираат етапно.
Домот „Орде Чопела“ располага со капацитет од 333 легла, а со оваа реконструкција ќе се обезбедат значително подобри и поквалитетни услови за учениците и студентите кои го продолжуваат своето образование во Прилеп.
Сакам да изразам огромна благодарност за поддршката од нашите пратеници во Собранието и инвестицијата од Владата, како дел од поширокиот државен проект за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови.
Инвестициите во образованието и младите се инвестиции во иднината на Прилеп и на државата!” – порача градоначалникот Проданоски.

















