Гоцевски: Kако градоначалник на Општина Делчево ќе настојувам на планирање на патната инфраструктура и транспортните услуги
Локалната самоуправа има активен придонес и е исклучително значајна во унапредувањето на превентивните политики и конкретните мерки за подобрување на безбедноста во сообраќајот заедно со државните институции. За таа цел, деенска во Скопје се одржа Националната конференција „Безбедност на сообраќајот во локална самоуправа“.

“Со огромна чест и задоволство присуствував на Националната конференција насловена „Безбедност на сообраќајот во локална самоуправа “ во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.Целта на конференцијата е преку размена на добри практики и искуства , унапредување на меѓуинституционалната соработка да утврдиме заеднички пристапи за подобрување на сообраќајната безбедност во урбани и рурални средини. Преку заедничка дискусија, анализи и предлагање решенија, се дефинираа конкретни насоки за поефикасно дејствување на локално ниво. Потпишавме Декларација за безбедност во сообраќајот на патиштата на локално ниво со која јас како градоначалник на Општина Делчево ќе настојувам на планирање на патната инфраструктура и транспортните услуги со фокус на луѓе, управување со мобилноста во функција на безбедноста во сообраќајот на патиштата и приоритизирање на простори за одржливи начини на патување. Воедно се заложуваме во секоја прилика јавно да зборуваме за безбедноста на сообраќајот на патиштата и значењето на оваа тема. Ќе поттикнуваме соработка помеѓу сите чинители вклучително општинската администрација, полицијата, јавните претпријатија, образовните установи, граѓанските организации и други. Конференцијата е поддржана од Министерство за Транспорт, Министерството за Внатрешни Работи и ЗЕЛС” – истакна делчевскиот градоначалник, Иван Гоцевски.
















