Димитриевски: Овде сум претставник на С.Македонија, но тоа е МАКЕДОНИЈА
Делегација од Општина Куманово предводена од градоначалникот на Општината Максим Димитриевски е во посета на Европскиот парламент во Брисел на настанот “The Most Roma Friendly Mayor”, на покана на активистите од невладиниот сектор, кој работи на прашања поврзани со припадниците на ромската етничка заедница на Балканот. Во рамките на викендот на Ромите во Европскиот парламент се одржува конференција, на која учество ќе земат повеќе претставници од општините од Западен Балкан, невладини организации и пратеници од Европскиот парламент. Димитриевски во Брисел, доби награда за најдобар градоначалник на Ромите.
“Голема е честа за мене како Градоначалник и за моите сограѓани во Куманово, што сум избран за Градоначалник – најдобар пријател на Ромите, овде во срцето на обединета Европа. Овде сум претставник на Северна Македонија, но тоа е МАКЕДОНИЈА. Јас сум Македонец и живеам во град каде што има најмалку 10 етникуми кои живеат заедно во мир со години, со векови, и ние сме многу горди на тоа. Во нашата општина имаме мала верзија на Европската Унија. Ние сакаме да ви се придружиме, да бидеме со вас, заедно, да ги делиме истите вредности, бидејќи во 21 век не сакаме да зборуваме повеќе за поделба и дискриминација. Сакаме да зборуваме за европската иднина, да живееме заедно, обединети, борејќи се против секого кој сака да го промени минатото и да и наштети на нашата европска иднина. Тоа се нашите вредности! Граѓаните на Куманово сакаат да Ви се заблагодарат затоа што ние се гордееме со Вас, но ве молам дојдете и поддржете не. Не е прифатливо во 21 век да се блокира некоја земја за да не може да се прклучи на Еропската Унија. Како што кажавте дека Западен Балкан припаѓа во Европа, ние навистина припаѓаме на Европа и ние сме европејци исто како и вие. Токму затоа ние сакаме да бидеме со вас. Ајде заедно да зборуваме со нашите соседи, особено со Бугарија, да не се зборува веќе за историјата. Ние сме Македонци, како што Ромите се Роми, како што Албанците се Албанци, сите имаме наша сопствена историја, традиција и култура. Блокадата мора да сопре, да се обедини целиот Западен Балкан и сите да се приклучиме на Европската Унија. Сите Европејци заедно во Европската Унија!Голема благодарност до Европратеникот Ромео Франц кој ми ја врачи наградата, како и на сите членови на Ервопскиот Парламент, до Рома Актив Албанија и Мрежата ЕРГО, кои во соработка со ЕУ успешно го координираа овoj проект. Следете го моето обраќање во ЕП Брисел”-истакна кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.