Денеска се навршуваат цели 29 години од приемот на Македонија во Обединетите нации
Денеска се навршуваат цели 29 години од приемот на Македонија во Обединетите нации. Пред точно 29 години на 8 април 1993 година, Република Македонија со акламација во Генералното собрание на ОН, стана 181 полноправна членка на Светската организација. На денешен ден 1993 година Република Македонија беше примена како членка на Обединетите нации, врз основа на резолуцијата 817 на Советот за безбедност на ОН од 7 април 1993 година, со препорака времено да биде ословувана со референцата “поранешната Југословенска Република Македонија”. Членството во ОН, втемелено врз основните принципи и постулати на Повелбата на ОН, во континуитет ги креира аспектите на мултилатералната димензија на нашата надворешна политика. Во таа рамка, започнатиот процес за етаблирање и позиционирање на меѓународната сцена од 1991 година се трансформира во препознатливост на принципиелен и одговорен член на меѓународната заедница.