Да ги заштитиме децата во сообраќајот – Децата од мали се учат на сообраќајните правила
Полициски службеници од Секторите за внатрешни работи Битола и Куманово во текот на вчерашниот ден (14.09) на подрачјата под надлежност на овие организациони единици на МВР реализираа низа превентивни активности, во најголем обем фокусирани на сообраќајот и сообраќајната безбедност.
Така, на подрачјето на СВР Битола, полициски службеници од Одделенијата за внатрешни работи Македонски Брод, Прилеп и Ресен спроведоа превентивни активности од неколку кампањи за безбедност во сообраќајот: „Никогаш не вози под дејство на алкохол“, „Паркирај совесно, паркирај одговорно“ и „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“. Притоа, на граѓаните им беа делени и едукативни летоци со информативни содржини, изработени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Инаку, покрај овие активности, СВР Битола продолжи и вчера, во соработка со ЈП“ Национални шуми“ и Шумската полиција, да ја спроведува кампањата за заштита на шумите од пожари и бесправна сечна – истакнуваат од МВР.
