ЧЕСТИТ ЈУБИЛЕЈ!!! 55 години ЈОУДГ ,,Наша иднина” Прилеп!
Или сте ја посетувале како дете или сте ја посетувале како родител носејќи го Вашето дете тука, – но, секој од нас вака или онака, бил дел од детската градинка „Наша иднина“-Прилеп, која што несебично, до ден денес, 55 години, се грижи за нашето најголемо богатство – ДЕЦАТА!
Одењето во градинка е важен чекор за секое дете, но и за целото семејство. Градинката создава можности за поставување цврста основа за детското образовно патување, им обезбедува искуства на децата да растат и да се развиваат преку игра и интеракција, ги проширува нивните знаења.
И, затоа е важен овој момент, затоа што тоа значи 55 години грижа и восипитување на 55 генерации, тоа значи 55 години грижа и едукација на нашето најсветло во семејството и во заедницата – децата !
А, кога станува збор за најмладите, за нивниот ран детски развој и грижата околу нив, ние како локална самоуправа, заедно со раководството на градинката „Наша иднина“ вложуваме максимални напори создавајќи можности децата да имаат одлични просторно -материјални и хигиенски услови за квалитетен развој, да имаат квалитетен воспитно – образован кадар за да растат, да бидат креативни и да се развиваат преку игра и интеграција, да им овзоможиме квалитетно да се едуцираат и да дружат за да се изградат во силни, воспитани и здрави луѓе.
Градинките во Прилеп, денес се пријатно место за престој! Одлична можност, децата од предучилишна возраст да се дружат, социјализираат и развиваат.
Во оваа прилика сакам да изразам благодарност до раководството на градинката „Наша иднина“ и искрена почит пред се, кон квалитетниот високо-креативен кадар (воспитувачи, негувателки, педагози, психолози, дефектолози ), сегашни и поранешни вработени, и сите оние кои создаваат можности градинката да биде пријатно место за престој на децата. Благодарност што низ сите овие години, ни овозможивте градинките беспрекорно да функционираат, што израснавте и воспитавте безброј генерации и што посветено сеуште се грижите за нашите нови генерации, кои се иднината на Општина Прилеп и Република Македонија – истакна прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.