Директорот на ЈКП „Водовод“ – Битола, Андреј Гинов: Современите системи мора да се темелат на дигитализација, стручност, континуирана анализа на податоци и навремено донесување одлуки

Сподели го ова:





























ОФИЦИЈАЛНО ЗАПОЧНА РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ПРОЕКТОТ „ОТПОРНИ И ЕФИКАСНИ КОМУНАЛНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА“

Официјално започна реализацијата на проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија“, чија главна цел е зголемување на отпорноста и ефикасноста на комуналните претпријатија во услови на климатски промени и енергетски кризи, преку модернизација на нивното работење и унапредување на квалитетот на услугите за граѓаните.

На настанот поздравни обраќања имаа заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, амбасадорот на Швајцарија во Македонија, Кристоф Зомер, и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Во рамките на втората панел-дискусија учествуваше директорот на ЈКП „Водовод“ – Битола, Андреј Гинов, кој зборуваше за потребата од дигитална трансформација на јавните комунални претпријатија и за идните развојни насоки на претпријатието.

„Дигиталните алатки и податоците денес имаат клучна улога во управувањето со јавните претпријатија. Современиот мониторинг и дигиталното управување со водоснабдителните системи повеќе не се избор, туку основен предуслов за ефикасно, одржливо и професионално работење.

Традиционалниот начин на управување со водоснабдителните системи е одамна надминат. Современите системи мора да се темелат на дигитализација, стручност, континуирана анализа на податоци и навремено донесување одлуки.

Дигитализацијата овозможува прецизно следење, анализа и контрола на водните ресурси – од влезните количини до испорачаната и фактурирана вода. Со примена на современи дигитални системи и управување базирано на податоци, јавните претпријатија можат побрзо да реагираат при дефекти, да ги намалуваат загубите на вода и поефикасно да управуваат со ресурсите и инфраструктурата.

Доколку во минатото водоснабдувањето било дел од националните стратешки приоритети, денес тоа мора да добие уште поголемо значење и институционална поддршка, на исто ниво како електричната енергија и другите стратешки ресурси“, истакна Гинов.

Проектот е финансиран од Владата на Швајцарската Конфедерација, преку Државниот секретаријат за економски прашања (SECO), со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање и седум општини и комунални претпријатија корисници: Битола, Берово, Кочани, Куманово, Радовиш, Струмица и Виница.

За реализација на проектот се обезбедени 6,5 милиони швајцарски франци грант од SECO, додека Министерството за животна средина и просторно планирање учествува со национална контрибуција од 0,5 милиони швајцарски франци.

Како дел од проектните активности, на ЈКП „Водовод“ – Битола му е доделен грант во вредност од 100.000 швајцарски франци, наменет за модернизација на системите и подобрување на следливоста и управувањето со водоснабдувањето во руралните средини.




Сподели го ова:

Слични објави