Утре вечер, градскиот часовник во Прилеп ќе прослави 200 години од своето постоење
Саатот во Прилеп не е само стара кула во срцето на градот – тој е сведок, симбол и простор што ги поврзува генерациите и културите. Последниве неколку години, Саатот прерасна во место за средби, идеи, пријателства, иницијативи, дебати, музика и игранки…

“Оваа недела, заедно со Winter Apricots, повторно ве покануваме да се собереме „Kај Саатот – за Саатот“. Да го оживееме со присуство, музика, танц и заедничко сеќавање. Да го одбележиме неговото значење, не само низ бројки и датуми, туку преку дружење и културна меморија што ја градиме заедно. Придружете ни се симболично да одбележиме 200 години од изградбата на првата Саат-кула и градската чешма” – меѓудругото стои во соопштението на организаторите.

Денешната кула, изградена во 1858 од мајсторите Коста Лауц и Ристе Тасламиче, стои на местото на постара дрвена кула од 1825/26, изгорена во големиот пожар од 1854 год. Под неа се наоѓала и градската чешма, изградена во 1826, која за жал повеќе ја немаме. За отчукувањето на Саатот, до својата смрт се грижел Димко Граше, а денес таа посебна задача ја врши Димитар Чучуроски.

“Во текот на вечерта, (Недела, 17.08.2025) во 20:30 и 21:30 часот, ќе проследиме краток филм за настанувањето, симболиката и значењето на Саат-кулата. Во монтирањето на овој краток филм користени се архивски снимки и материјали на наши пријатели. Потоа ве покануваме на заедничка забава и дружба со RobbieRay LedRobot и неговите ласери, тематските пијалоци на нашите пријатели од Кафе Чоше и Кафе Носталгија, како и неколку други пријатни изненадувања (изложба, разгледници), кои ќе ги најавиме во текот на следниве денови” – порачуваат организаторите.


















