Во чест на св. Фануриј, денеска граѓаните доследни на верата, во храмовите носеа “домашно месена фануропитата”
Нема поубава глетка, од тоа кога гледаш дека православните храмови се преполни со голем број на верници. Впрочем, верата е единственото вредно нешто кое ни останува во овие тешки времиња.
Имено, денеска прилепчани доследни на верата, а во чест на св. Фануриј, во прилепските храмови носеа “домашно месена фануропитата”, каде што свештеникот ја благословуваше за здравје и спасение. После добиениот благослов, според обичаите, додека се јадеше од неа, прилепчани се молеа за мајката на светиот Фануриј, но исто така и за онаа наша духовна и телесна поткрепа за која и сме ја посветиле.
Свети Фануриј Новојавен и Великомаченик не им бил познат на старите синаксаристи. Станал познат во 14 век, на Родос, кога бил откриен стар храм. Таму имало многу оштетени икони, а меѓу нив била пронајдена многу добро зачувана икона, на која се читало името „ο άγιος Φανώ.” На иконата светиот бил претставен како војник, кој во десната рака држел крст, врз кој светела свеќа и околу иконата 12 маченици, како што вообичаено се сликаат светите. Митрополитот Нил II (1355-1369) го обновил храмот и го посветил на свети Фануриј и веројатно, ја напишал неговата служба.
Од Египет потекнува предание дека неговата мајка била блудница. Тој честопати го молел Бога за нејзино спасение, дури и повеќе отколку за своето. Светиот маченик Фануриј настрадал заради верата во Христа. Бил каменуван од незнабошците. Пред да умре, од дното на душата со молитва повикал кон Бога: „Заради овие мои маки, помогни им Господи на сите што ќе се помолат за спасението на мојата грешна мајка.” Според неговиот завет, христијаните го молат Бога со молитвата: „Спаси ја Господи мајката на свети Фануриј и помогни ми на мене, грешниот.”
Од овој настан особено се развива и култот на светителот, па така сите православни христијани подготвуваат колач – фануропита, која ја посветуваат во негова чест.