БИТ ФЕСТ: ,,КРОТЕЊЕТО НА ФУРИЈАТА” ВО РЕЖИЈА НА ДЕЈАН ПРОЈКОВСКИ ЈА ВООДУШЕВИ БИТОЛСКАТА ПУБЛИКАТА
Како дел од програмата на Битолското културно лето БИТ ФЕСТ, синоќа на четвртата вечер на Битола Шекспир фестивалот, во големата сала на Народниот театар се одигра претставата ,,Кротењето на фуријата” во режија на битолчанецот Дејан Пројковски, во изведба на Градски театар Подгорица, Црна Гора.
Над два часа, публиката постојано беше мотивирана и со целосно задржано внимание од актерската игра, музиката и хуморот, кои на сцената ги внесоа црногорските актери, особено Лазар Драгоевиќ во улогата на Петручио и Милица Мајкиќ во улогата на Катарина. Публиката пак, на крајот со овации ги испрати актерите, како и битолските протагонисти во претставата – сценографот Валентин Светозарев и режисерот Дејан Пројковски.
И како што самиот Пројковски за претставата ја истакна неговата режисерска визија, тоа целосно беше видливо на сцената:
Претставата „Кротењето на фуријата“ ги компарира двата принципи машкиот и женскиот, потпирајќи се на одредени аспекти на женската сексуалност и на машката доминација во современиот и модерен актерски израз, кој се заснова на Шекспировото сфаќање на театарот, играта, времето и просторот.
Како режисер, имам искуства со психолошко сенчење на женските ликови. Ми се чини дека женските ликови се секогаш психолошки попрефинето осенчени од машките; женската смисла мене ми личи на харфа, а машката на гитара, бројот на жиците е различен. Со ова не сакам да им дадам предност на жените пред мажите, во смисла на сензибилитет, зашто знам дека уште од учењето за анимусот и анимата е вообичаено така да се мисли. Нашата задача во театарот е да ги уриваме стереотипите за машко и женско“.