ЗА УБАВО НЕКА Е! Со месец октомври и “Петковден” започнува зачестеното прославување на домашните слави

Сподели го ова:























СЛАВАТА Е ПРОДОЛЖЕНА ЛИТУРГИЈА. Со месец октомври и Петковден започнува зачестеното прославување на домашните слави и тоа трае се до Атанасовден (31 јануари). И во останатиот дел од годината се празнуваат слави, но во овој период се оние „поголеми“ слави, во смисла на бројноста на домови во кои се чествуваат одредени светители, Пресвета Богородица, Господ Исус Христос или одредени настани поврзани со нив.

Што е „славата“? Славата е МОЛИТВЕНО прославување на одреден светител како заштитник на едно семејство, односно дом, и негов молитвен застапник пред Бога. Суштината на славата е изразена во самото име: прославување на Бога и на светите Божји угодници во чии ликови се открива и вистинската „слава“ на секое човечко битие, односно неговата неминлива убавина и неговото боголико достоинство. Впрочем, содржината на славата е благодарење и молитва кон Бога.

„Славата“ не е ограничена само на домот и семејството, туку „слава“ слават и градови (градска слава), села (селска слава), помали места, храмови (храмова слава), манастири (манастирска слава) институции, еснафи и т.н., кои „земаат“ одреден светител за свој закрилник и молитвен застапник. Оттука произлегува дека домашната слава се нарекува „домашна“ не затоа што свештеникот треба да го пререже или „крене“ лебот во домот (такво правило, дека свештеникот мора да го „крене“ лебот во домот, не постои!) ами затоа што одреден светител се слави“ во ДОМОТ и семејството.  

Затоа, кога зборуваме конкретно за ДОМАШНАТА слава, треба да се знае дека семејството кое слави слава представува Црква во мало зашто, како што сите богослужбени чинови се дел од Евхаристијата – така и славата во семејниот живот представува продолжена Евхаристијска тајна, односно Литургија. Така на пример, славскиот леб или просфората на кои има целосен „печат“ или само делот на кој се иницијалите на грчките зборови „Исус Христос победува“ – ИС ХС НИ КА, во суштина е само поголема Литургијска просфора односно истата просфора која се употребува за чинот Проскомидија кој е дел од Светата Литургија. Слично е со виното, имињата кои се споменуваат на Божествената литургија и т.н.

Славата има исклучиво црковно-молитвен карактер и затоа најубаво е првин да се слави во црквата, на Литургија, каде се споменуваат, заедно со светителите и ангелите, нашите живи и починати ближни, па потоа „славењето“ се пренесува во домот и таму продолжува па така семејната заедница е продолжение на црковната заедница. Затоа слободно можеме да кажеме дека славата, во суштина, е Литургија и со тоа ја започнуваме нашата слава. Впрочем, што има поубаво за православниот верник од тоа својата домашна слава да ја започне во својата црква, со своите комшии и пријатели, со свештениците? Зарем има нешто повеличенствено од тоа тој ден да се причестиме во својата црква? Со тоа славата ја добива својата најдлабока смисла.

Потоа славата продолжува со Трпеза на љубовта со драгите гости. Тогаш нашиот славски колач, виното, свеќата, пченицата, како израз на љубовта на човекот кон Бога и светителите, добива смисла. протоереј Љупче Петрески



Сподели го ова:

Слични објави