ЗА МНОГУ ГОДИНИ: Прилепскиот црковен храм “св.Кирил и Методиј” денеска беше претесен за да ги собери сите христијанските православни верници
Прилепскиот црковен храм “св.Кирил и Методиј” кој што помеѓу прилепчани е попознат и како “Параклис”, денеска беше претесен за да ги собери сите христијанските православни верници. Имено, по повод празникот на светите рамноапостоли Кирил и Методиј, македонските и сесловенски просветители и учители, и оваа година, во храмот посветен на нивниот спомен во Прилеп, се одржа соборно литургиско прославување.
Одбележувајќи го нивниот спомен, денеска беше чествуван нашиот родов корен, нашиот татковски повик, нашиот јазик, нашиот идентитет, култура и традиција, а најважно од сè, денеска си спомнуваме за оние кои нè научија да веруваме и да Го љубиме Бога, кои го приближија Христовото Евангелие до нашите срцa и несебично се дадоа себеси, за да го просветлат нашиот род. Со голема духовна радост, денеска во овој храм торжествено и достоинствено беше прославен споменот на светите браќа преку светата Божествена Литургија која започна утрово.