Во Прилеп започна реализацијата на уште еден значаен инфраструктурен проект
Денеска прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски и неговиот тим беа на терен на улицата „Кузман Јосифоски“, каде што започна реализацијата на еден значаен инфраструктурен проект – Реконструкција на водоводната мрежа.
Овој проект е реализиран со поддршка на Владата, преку Министерството за животна средина и просторно планирање, во вкупна вредност од околу 6 милиони денари (5.902.588 денари).

“Изведувач на работите е фирмата ВОД-ВАР ИНЖЕНЕРИНГ од Скопје, а рокот за реализација е 6 месеци. Сепак, согласно динамиката на работа и разговорите со изведувачот, очекувањата се дека градежните активности ќе бидат завршени значително побрзо, односно за околу 60 работни денови.
Реконструкцијата опфаќа делница од јазолот на бул. „Гоце Делчев“ со ул. „Кузман Јосифоски“ (бр. 1–55), до јазолот на ул. „Кузман Јосифоски“ со ул. „Ленин“ (бр. 1–72), со што јасно се дефинира опфатот на овој зафат на терен.
Со овој зафат решаваме долгогодишен проблем на граѓаните, бидејќи постојната водоводна линија поминуваше низ приватни имоти, што создаваше сериозни потешкотии при интервенции и редовно одржување. Станува збор за главен транспортен цевковод кој носи вода од резервоарот во Варош, што ја прави оваа инвестиција особено значајна за стабилното и непречено водоснабдување.
Во рамки на проектот, старите и дотраени азбестно-цементни и метални (цинковани) цевки се заменуваат со нови, современи полиетиленски цевки, со што значително се подобрува квалитетот, сигурноста и долговечноста на водоводната мрежа.
Ќе се изведат околу 300 метри главна водоводна линија со профил Ф-315, како и дополнителни 140 метри Ф-63, секундарна мрежа, на која ќе бидат поврзани и куќните приклучоци на жителите.
Како локална самоуправа, остануваме посветени на решавање на инфраструктурните проблеми и создавање поквалитетни и побезбедни услови за живот за сите наши сограѓани” – порача прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.


















