Во Битола, нови 230 вработувања во новата фабрика на „Брејнчајлд“ во ИЗ „Жабени“
Брејнчајлд продукција и производство е новооформена фабрика во Битола од страна на странски инвеститор, посветена да постави еколошко OEM производство. Таа донесе револуција за индустријата за кајтови и крилја. Во моментот во Брејнчајлд Продукција има 30 вработени, а во Брејнчајлд Производство 226 вработени.
“Денеска присуствував на свеченоста по повод отворањето на новата фабрика „БРЕЈНЧАЈЛД ПРОИЗВОДСТВО“ во индустриската зона „Жабени“. Се работи за две компании, посебни правни ентитети, од кои Брејнчајлд Продукција ДОО Битола е центар за истражување и развој каде што се тестираат нови технологии, се тестираат и произведуваат материјали за производство, се тестираат нови начини и се создаваат нови типови на производи. Додека пак Брејнчајлд Производство ДОО Битола е производна компанија, во која се мултиплицираат преку сериско производство веќе одобрените производи кои поминале на фаза на прототипи во центарот за истражување и развој.
Новата инвестиција денеска ја посети премиерот Христијан Мицкоски кој се заблагодари што како Општина помогнавме за брза реализира оваа инвестиција и најави дека се работи на уште најмалку две заинтересирани инвестиции кои би се изградиле во периодот кој следува во Битола.
На свеченото отворање на оваа инвестиција во моето обраќање ги истакнав заложбите за економски напредок на Битола, кои стануваат реалност. Покрај вложувањата во инфраструктурата во Битола, во насока на создавање подобри услови за инвеститорите, Општина Битола посебно се фокусира и на напредокот на Индустриската зона „Жабени“.
Радува фактот што во последните години тука има неколку нови инвестиции, а на седум јавни наддавања купени се преку 20 локации. Денес сме тука со голем повод и среќни сме за новата инвестиција. Во компанијата за производство се работи на редовни нарачки од клиентите и месечно се произведуваат по 900-1100 производи.
Главен производ кој се произведува е спортско крило за скијање на вода, кајт, кој што го користат светски шампиони во овој спорт. Среќен сум што се тука кај нас и што можеме денеска сите заедно да им посакаме успешен бизнис и да бидат поттик за оние кои се уште можеби се двоумат дека ова е вистинското место за многу бизниси, на чекор до Европа, а блиску до градот со голем потенцијал – Битола.
Пред присутните се обрати и сопственикот Ралф Гросел, светски дизајнер и инженер за производи за спортови на вода, а на свеченоста присуствуваа заменици министри, пратеници, претседателот на Советот, секретарот на Општина Битола, директори на јавни претпријатија, стопанственици и други гости” – истакна Коњановски.
















