ВИДЕО – ЈОВЧЕСКИ: Св. Никола е посебен ден и добар патоказ за да ги чуваме корените, а посебно кога ќе се земе во предвид дека тој е заштитник на сиромашните, на немоќните и морепловците

Сподели го ова:























Во центарот на Прилеп, денеска се прославуваше во знак на светецот заштитник на градот, св.Никола. По повод одбележувањето на градската слава, утрово во црквата „Свето Благовештение“ се одржа празнична литургија, а потоа празнувањето продолжи пред параклисот на свети Никола во центарот на градот, каде што се изврши водосвет и прережување на славскиот колач.

“Почитувани мои сограѓани, Нека е за многу години денeшниот голем христијански празник-Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мирликиски! Како што знаеме да кажеме во Прилеп на денешен ден секој прилепчанец го празнува овој светол празник, или чекајќи слава во својот дом или пак одејќи на гости. Св. Никола е посебен ден и добар патоказ за да ги чуваме корените, а посебно кога ќе се земе во предвид дека тој е заштитник на сиромашните, на немоќните и морепловците. Оваа година во Прилеп 17-ти пат по ред го славиме патронот на нашиот град.

Традицијата претставува идентитет на секоја држава, а нешто што не прави горди нас како прилепчани е токму ова, чувањето и негувањето на вистинските вредности, верата, традицијата и историјата. Токму затоа нашата Локална самоуправа ќе продолжи да го развива актуелното творештво но исто така и да ги чува и негува локалните традиции и духовноста, обновувајќи го Прилеп како препознатлива дестинација во која ќе може секој гостин добронамерник да не посети и да го доживее духот на вековното традиционално наследство. Во знакот на празничната симболика би сакал на сегашните (Гордан и Коста од компанијата Теракота) и на новите домаќини (компанијата Комфи Ангел и Ирена Јакимовска) да им го честитам денешниот празник и да им посакам Свети Никола да им донесе многу здравје, среќа и бериќет. И на сите вас мои драги прилепчани ви посакувам убави празнични денови, многу здравје и среќа во вашите домови! Нека ни е честит и вековит големиот празник Свети Никола!” -истакна Јовчески.



Сподели го ова:

Слични објави