УШТЕ ЕДНО УБАВО МЕСТО “ИЗНИКНА” ВО ОПШТИНА ПРИЛЕП: Во употреба се пушти ново мултифункционално игралиште
Огромно е задоволството денес да го пуштиме во употреба новото мултифункционално игралиште кое што е плод на нашата соработка како Општина Прилеп заедно со ООУ „Добре Јованоски“ во проектот на УНДП, „Зајакнување на националните и локалните системи за поддршка на ефективна социо – економска интеграција на повратниците во Западен Балкан“.
На форумските сесии одржани во Прилеп, со претставници од сите институции како приоритет беа избрани „Реконструкција на отвореното спортско игралиште“ и „Дооформување на основното образование за возрасни“ во ООУ„Добре Јованоски“.
Сите сме сведоци дека ова спортско игралиште беше во лоша инфраструктурна состојба и навистина беше потребно да се рехабилитира и да се надогради со цел да се овозможат потребните услови за со кои што учениците и сите останати кои што ќе го користат ќе се социјализираат и интегрираат преку спортот.
Тука во овој дел на нашиот град, живеат најголем број од повратниците, а исто така поради нискиот социјален статус и невработеноста на голем дел од граѓаните, условите за живот се дополнително отежнати и негативно влијаат на нивната интеграција во заедницата.
Со реконструкцијата, со поставување на нова подлога, како и целосното опремување на мултифункционалното игралиште, на нашите сограѓани а првенствено на учениците и родителите се разбира, ќе им се овозможи простор за дружење, социјализација и интеграција.
Придобивките од проектот се развивање на спортско – рекреативниот дух кај учениците од училиштето и заедницата, како и подобрување на воспитно образовниот процес за што навистина докажано водиме максимална грижа во изминативе две години, буквално со секое училиште во нашата општина. Исто така проектот има за цел да ги здружи децата од училиштето со децата од останатите училишта, од заедницата и децата од повратниците.
Во однос на проектот за „Дооформување на основното образование за возрасни“ кој што беше избран за приоритет, сакам да посочам дека образованието е од исклучителна важност и клучен фактор за постигнување на подобар квалитет на живот и конкурентност на пазарот на трудот и обезбедување на основна материјална, социјална и економска сигурност.
Ова особено се покажува како важно за одредени социјални групи и заедници, особено тука кај нашата ромска заедница каде образованието и неговото дооформување е долгогодишен проблем, а од исклучително значење е за нашите повратници и нивното економско и социјално интегрирање во пошироката заедница.
За оваа цел, се опремија две училници во рамки на училиштето според правилникот за стандардите со сите нагледни средства кои се потребни.
Главната цел на проектот е преку образованието да ја подобриме социјалната и економска интеграција на повратниците.
Придобивките од проектот се тие што со опремување на две училници за дооформување на основно образование, ќе им се овозможи на жителите кои не го завршиле основното образование да го докомплетираат како и децата на повратниците кои немаат завршено основно образование.
Упатувам огромна благодарност во името на нашата Локална самоуправа, до сите вклучени фактори во овој проект и за сите соработници и координатори кои што несебично се вклучија и придонесоа со својот максимален ангажман да се реализира овој исклучително важен за сите нас проект.
Ние ќе продолжиме максимално да работиме во интерес на подобрување на условите и во образованието и во сите останати сегменти за сите наши сограѓани и да ги користиме сите расположливи ресурси и наши партнери и сојузници како што е Програмата за развој на обединетите нации -УНДП – истакна прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.