Убавина! Во храмот св.Петка во Прилеп се поставени три украсни целивални, единствени по својата изработка и убавина

Сподели го ова:





























Во храмот „Св. преп. мчца. Параскева – Св. Петка“ во прилепската населба Точила, беа донесени и поставени нови три украсни целивални, единствени по својата изработка и убавина. Тие се направени од мермер и се релјефно украсени со православни орнаменти и крстови. Иако се извонредно масивни и тешки, благодарение на мајсторската изведба поставени се на тркала и можат да се поместуваат, во согласност со потребите на богослужбите.

Едната целивална, поставена во центарот на храмот, ќе ја носи иконата на нашата закрилничка – св. Параскева Римјанка, на која е посветен и храмот. Другите две се сместени пред иконостасот, и на нив се поставени светите икони на Пресвета Богородица и на Господ Исус Христос. Како целивалните, така и иконите се уникатни, изработени во резба и претставени во медалјон, и со својата убавина и особеност сведочат дека се единствени и неповторливи – достојни за благолепието на Божјиот храм. Оваа замисла првично изгледаше наивна и недостижна, зашто беше планирано целивалните да бидат изработени од дрво.Идејата за целивални изработени од мермер се роди од едноставната, но длабока помисла: „Зарем во градот на светски познатиот мермер да немаме целивални од истиот тој благороден камен? Зарем тие не би се вклопиле многу поубаво во ентериерот, каде што иконостасот и владичкиот трон се исто така мермерни?“ Така започна остварувањето на оваа замисла – пред сè со Божја помош, а потоа и со труд и љубов, за сè во храмот да биде во хармонија и достојно на светоста што ја носи. Самата идеја да бидат направени од мермер, поради високата цена, големата тежина и тоа што никаде немаше пример за нешто слично, изгледаше како да е невозможно. Но, со застапништвото на нашата светителка, со Божја помош и со великодушноста на донаторите, оваа на почетокот недостижна идеја прерасна во величествено дело кое ќе остане за сведоштво низ стотиците години што доаѓаат.

Длабоко им се заблагодаруваме на нашите донатори и на изведувачите кои, покрај нивната мајсторска изведба, беа и соучесници-донатори. Нивната жртва и добродетел ќе биде запишана во Книгата на животот, а на нив и на нивните семејства им посакуваме Бог да им дарува здравје, спасение и успеси на нивата Негова.Како што на секоја богослужба ги спомнуваме донаторите и ктиторите на храмот, така и овие добротворци се вбројуваат меѓу нив, како и сите други кои на било каков начин придонесоа за остварување на ова дело. И како што нивното дело ќе опстои и ќе сведочи во вековите, така и нивното име ќе биде спомнувано и благословувано во молитвите на Црквата.Слава и благодарност на Бога за ова богоугодно и величествено дело, а вечна благодарност на нашите добротворци! – се вели во соопштението на Храмот “Св. Петка”.




Сподели го ова:

Слични објави