ТРАДИЦИЈАТА ПРОДОЛЖУВА! Започна 50-тото јубилејно издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“
Вчера вечерта започна 50-тото јубилејно издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Ова петдецениско негување на фестивалот, само по себе говори за постоењето на нашиот идентитет, за генерациското богатство, вткаено во изворните македонски песни и ора, кои низ годините се пренесувале од колено на кoлено, од татко на син, од дедо на внук, чувајќи го споменот на македонското богато фолклорно творештво, но и на играорецот, инструменталистот, недостижниот мајстор на соло гајдата, етно-кореографотот, тапанџијата и еден од најпродуктивните собирачи на македонски народни песни и ора, Пеце Атанасовски.
Секој народ ги има своите културни богатства и традиција, кои се уникатен печат за таа земја. А, нашата Македонија, го има овој уникатен фестивал, кој ги чува и негува низ децении древните вештини на свирачите на народни инструменти и на пејачите на изворни народни песни. Тој, во своите прегратки, ги носи оние атрибути што секој народ себично ги чува и негува како свој нераскинлив белег: традицијата, фолклорот, народната носија и обичаите. Затоа фестивалот ни’ е значаен и повеќе од потребен, ние мораме да го одржуваме и негуваме, бидејќи тој е нашето значајно културно наследство.
“Во оваа прилика морам да ја искажам мојата благодарност и искрена почит – до Уметничкиот директор на фестивалот, секретарот, техничкиот секретар, до семејството Вучиќ, и на сите останати кои што се вклучени во организациониот дел, за деценските напори во негувањето на фестивалот, како и на сите овие прекрасни изведувачи, кои му даваат нова димензија и душа на фестивалот и придонесуваат во зачувувањето на нашата препознатлива македонска песна и македонско оро. Ви посакувам успешни фестивалски денови и заедно да уживаме во секој звук на убавата изворна македонска музика, уште многу децении!” – порача градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески.