Честит именден Цвете, Цветан, Цветанка… Денеска е “Цветници” – празник кој што сведочи за влегувањето на нашиот спасител Господ Бог-Исус Христос во Ерусалим

Сподели го ова:


























Денеска е голем, светол христијански празник кој што сведочи за влегувањето на нашиот спасител Господ Бог-Исус Христос во Ерусалим. Имено, откако нашиот Господ Исус Христос во Витанија изврши дотогаш невидено чудо: со Својата животворна заповед го воскресна Лазар, кој веќе четири дена смирисан лежел во гробот, ја покажа Својата власт над животот и смртта. Темелите на адот се расклатија, се возбуди и раздвижи цела Јудеја. Со ова Господ ги охрабри Своите ученици да бидат силни пред претстојните Негови страшни страдања што ќе ги претрпи за сите луѓе, а преку кои ќе ни подари воскресение и вечен живот.

Денес, пак, Кроткиот и Смирениот по срце, Христос нашиот Бог, смирено влегува во градот Ерусалим седнат на осле – Оној пред Кого треперат Херувимите и сите небесни воинства. Децата еврејски, вдахновени од Светиот Дух, радосно ги постилаат своите облеки и палмови гранки, пречекувајќи го како Цар Израилев и извикуваат: Осана во висините, Благословен е Оној Кој доаѓа во името на Господа!

Денес, во вистина и слава, се исполнува сето она што било пророкувано за доаѓањето на Месијата, на Царот Израилев, Кој според пророштвата требало да го спаси Израилскиот народ. Се остваруваат со торжество сите претсказанија и праслики. Избавителот и Ослободителот, Господ Исус Христос влегува како Цар во Својот град, во Градот на мирот, Ерусалим, јавајќи на осле. Влегува со свеченост, но не како цар кој војува со оружјата и со војска од овој свет, кој освојува народи и земји и убива многубројни противници, туку како Цар Кој смирено, со Својата безгранична љубов, со Својата крстна жртва, ќе го победи најголемиот непријател на човекот, смртта. Да, Христос доаѓа како единствениот вистински Цар, Ослободител на човештвото. Небесниот Цар, Царот на мирот, Кој од совршено татковско човекољубие, крајно се смири, се испразни Себеси од Божествената слава и царското Му достоинство, така што постана човек, за да го направи човекот Негов совладетел.

Претечевиот храм украсен со палмови гранки и послан со зеленило, духовно и литургиски Го пречека и Му се поклони на Царот Кој доаѓа да пострада и да седне на престолот на славата.

Од историските летописи знаеме дека низ сето минато досега, безбројни цареви, војсководци и завојувачи освојувале одредени земји, градови, поразувале војски, покорувале цели народи. Некои од нив, пролевајќи многу крв со своите војски, се стремеле да го освојат и целиот свет. И навистина, доколку погледнеме во минатоведението на светот, ќе увидиме дека нема територија што некогаш не била освоена од некого. Па и денес, без престан, се случува таа борба за освојување на територии и за секаков вид надмоќ. Стасавме дотаму, што денес големите воени и технолошки сили се борат за освојување дури и на месечината и на вонземниот простор. Меѓутоа, за сите тие освојувачи едно нешто, еден простор останал неосвоен: човечкото срце. Царот Христос, пак, е Цар токму на човечките срца. Единствено Он со љубов може да го освои срцето на човекот и да го донесе вистинскиот мир во него. Он е единствениот Владетел кој без ниту една единствена битка, без ниту една исфрлена стрела или копје, без ниту еден испукан куршум освоил милиони и милиони срца и основал најголемо и вечно царство.

Ете зошто, денес кога влегува во Ерусалим, смирен, качен на осле, иако не остава некој посебен впечаток на цар според земското поимање на оваа титула, Он е пречекан токму како таков. Особено од младенците и од децата и од простите и добри срца на некои од народот, кои просветлени од Светиот Дух Го пречекуваат со екскламации и пророчки восклици: Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев! (Јован 12,13) Ова ги зачудило и збунило, но и огорчило до крај јудејските книжници и првосвештеници, коишто ги знаеле овие зборови од Светото Писмо, но ни најмалку не очекувале тие да Му бидат упатени на еден, според нив, „хулител“ на Законот и ривал за нивното старешинство над народот. Во Личноста на Христа тие не препознавале и не сакале да Го препознаат Месијата и Спасителот, затоа што имале сосема поинаква претстава за Царот Израилев. Тие несомнено сметале дека Месијата ќе биде основач на нова еврејска династија, кој ќе ги победи Римјаните и ќе воспостави едно големо земско еврејско царство, а нив ќе ги награди со големи овластувања и моќни позиции. Но, Светиот Дух им открил на децата и на чистосрдечните дека Исус Христос Назареецот е вистинскиот Спасител и Царот на човечките срца, Кој единствен води кон вечната слобода и нетлената радост.

Понекогаш правиме грешка кога празниците за кои си спомнуваме во Црквата ги сметаме за нешто минато, нешто што се случило некогаш одамна и е многу далеку од нас. Да, сите тие се настани што имаат историски простор, се случиле во одредено време и на определено место. Меѓутоа, во литургискиот време-простор на Црквата сите настани поврзани со животот на Христос повторно се одвиваат и доживуваат како сегашни, преку благодатното и мистично учество на верниот во животот на Телото Христово, кој ги обединува и минатото и сегашноста и иднината. Затоа во богослужбените текстови што воспеваат некое конкретно собитие од Христовиот живот стои определението денес. Така, значи, денес, пред Страдалната Седмица, Господ Христос влегува во градот Ерусалим – гледано од историски аспект, во тоа време во земскиот, но од литургиско гледиште, Он денес реално влегува во Ерусалим на моето и на твоето срце.




Сподели го ова:

Слични објави