STANICA.MK во Охрид: Ексклузивно интервју со охридскиот градоначалник Пецаков

Сподели го ова:




Новинарскиот тим на информативниот портал STANICA.MK како најактуелен портал, имаше интервју со Градоначалникот на Охрид – Кирил Пецаков, човек кој што како резултат на своите интелектуални и менаџерски способности со убедлива победа победи на годинешните локални избори во Охрид. Инаку Пецаков е роден во 1985 во Охрид. Основно и средно образование завршува во Охрид, а високо образование завршува на Стоматолошкиот факултет „Св. Пантелејмон“ Скопје. Специјализира на Стоматолошкиот факултет „Св. Пантелејмон“ Скопје и се стекнува со називот Специјалист по детска и превентивна стоматологија. Во два мандати е дел од Советот на Општина Охрид од 2009 – 2013 и од 2017 – 2020. Од 2020  до 2021 година е пратеник во Собранието на Република Македонија, а веќе од 31.10.2021 година станува градоначалник на Општина Охрид, функција во која што доста успешно се пронаоѓа. Иако е речиси неполн месец градоначалник на Охрид, тој веќе отпочна голем број на проекти, при што постојано е на терен во интерес на охриѓани.

Откако влеговме во неговиот кабинет во Општина Охрид, го отпочнавме нашето интервју при што нашиот информативен тим од негова страна доби прецизни, конкретни и искрени одговори,  одговори како што доликува на овој млад, способен интелектуалец, човек со искрена душа и човек од народот.

Градоначалниче Пецаков, имате голем рејтинг помеѓу Охриѓани и победивте убедливо на локалните избори… Според Вас, на што се должи големиот рејтинг кој што го имате стекнато помеѓу граѓаните на Охрид?

На овие избори, а и години наназад, праксата покажа дека рејтингот се создава во текот на целиот живот, односно тој позитивен рејтинг кој што изминативе години го имам, сум го стекнал и со дружба помеѓу младите луѓе, и како капитен на РК “Охрид”, кој клуб го основав лично јас. Исто така, довербата од народот ја имам стекнато и по сите мои активности како еден од најактуелните советници во Советот на  Општина Охрид, каде редовно ги презентирав и ги бранев сите оние наши ставови и сите работи кои за охриѓани значат нешто. Секако дека на крај сето тоа се ефектуира како дел од собранискиот состав во Собранието на Република Македонија-последнава година, така да можам да кажам дека сум доста познат на охриѓани и охридската јавност. На свои 22 години ми беше првиот политички мандат како најмлад советник во Советот на Општина Охрид од 2009 до 2013 година, па во 2017 година истото се случи повторно. Едноставно, долги години сум присутен во јавниот живот, а тука како што потенцирав претходно, секако е ракометот. Без разлика дали нашиот ракометен клуб играше во прва лига или во т.н. “Супер лига”, Охрид секогаш на спортските натпревари има голем број на гледачи, при што нашиот град е еден од најпосетените градови во нашата земја кога станува збор за посетеност на спортските настани. Така да,  би рекол дека долги години сум дел од јавниот живот, и сето тоа ми помогна и допридонесе за позитивниот рејтинг кој што сега го поседувам.

Градоначалниче, само што дојдовте на функцијата градоначалник, веднаш се зафативте со работа. Почнавте со булеварот, а врз основа на она што нашата информативна екипа постојано ја следи Вашата активност на терен, можеме да констатираме дека постојано сте фокусирани на реализација на повеќе проекти. Кажете ни нешто повеќе за сето тоа?

Тој булевар документационо беше среден од претходната Локална Самоуправа… Нас ни останаа уште две обврски. Едната е тендерирање и добивање на најдобар понудувач за осветлувањето за булеварското решение, и непредвидените ставки кои што секако при тек на изградба се јавуваат. Ние го отпочнавме булеварот, имаме рок од шест месеци за да го завршиме. Имено, тековно секој еден ден имаме голем број на активности, како што се чистење и уредување на речни корита, чистење на депонии, поставување на бекатон плочки на одредени места, поплочување со бекатон плочки на тесни улици каде што не е возможно да се асвалтира, уредување на зелени простори и чистење на улици и патишта каде што има израснато гранки врз основа на што видливоста е намалена и слично. Секој еден ден-има нови активности. Сега се започнува со изградба на канализациона мрежа од 350-360 метри должина која што ќе ги реши проблемите на граѓаните во еден дел во Охрид. Ние денеска сме 21 век и не треба да се имаа вакви проблеми во однос на канализација, меѓутоа важен е фактот дека континуирано и постојано ќе ги решаваме проблемите, секогаш навремено, квалитетно, дел по дел.

Градоначалниче Пецаков, важите за модерен креативен човек-гледано во светски рамки кога станува збор за Вашите погледи и Вашата модерна визија за Охрид и охриѓани, па  како резултат на сето тоа ги решавате и оние основни проблеми кои што со години не беа решени во Охрид. Што ќе ни изјавите во однос на сето ова?

Видете, јас викам дека малите слики, односно малите работи ја прават онаа голема слика. На некого му се потребни и само малите работи за да создаде перцепција дека Охрид навистина сака да се менува и дека ќе продолжи да се менува. Дополнително на сето ова ќе ги додадеме и оние наши планирани проекти кои ќе создадат модерен град, модерен туристички центар, и она што за мене е најбитно на крај,  да создадеме место каде што младите ќе ја гледаат својата иднина. Затоа потребно е и поддршка од централната власт, и менување на системот не само на државата, туку и на Локалната Самоуправа, меѓутоа за тоа-потоа, чекор по чекор ќе се стигне до целта. Јас моментално не сум најмлад градоначалник во Македонија, не има повеќе и ние сме млади луѓе кои имаат преку 15 годишно искуство во политиката, меѓутоа официјално јас сум најмлад градоначалник кој што го водел Охрид во последните 100 години. Вие викате дека сум способен, меѓутоа сето тоа јас морам прво да го докажам преку труд, чесност и постојана работа. Јас ќе го направам сето тоа во овие четири години, за да после тоа гордо и исправено да побарам нов градоначалнички мандат од моите охриѓани врз основа на целокупното сработено од мене и мојот тим.

Во однос на сето ова што го гледаме, можеме да заклучиме дека Вие освен во Вашата канцеларија, одите и постојано на терен, а од Вашите служби во Општината слушнав дека денеска ќе работите до 19 часот, и дека тоа веќе станува Ваша практика. Зошто е тоа така?

Секој ден заради организационата природа буквално сум присутен на работното место-(настрана од работата на терен) од 08 часот па се до 19 часот, во зависност од планираните обврски. Отворена е општината и ќе продолжи да биде отворена за потребите на охриѓани. Врз основа на самата организациона природа, можам да нагласам дека еднаш неделно ќе имаме приемени денови за граѓаните, каде што граѓаните ќе се видат лично со мене за да ги сослушам нивните проблеми, за да веднаш потоа се премине кон нивно што побрзо решавање, а другите останати дена во неделата ќе ги посветам во однос на организација на општината, како и на сите оние работи кои што ги изведуваме во моментов и кои што сакаме да ги реализираме во текот на наредната година.

Видовме дека Вие сте постојано фокусиран кон работата и работните обврски. Ајде малку нашиот разговор да го сведиме кон семејството. Знаеме дека Вие сте фамилијарен човек, имате сопруга и две малолетни дечиња. Како успевате да ги координирате работните, со семејните обврски. Има ли време за сето тоа, бидејќи гледајќи од Вашиот досегашен ангажман постојано работите во интерес на Охрид и граѓаните на Охрид?

Порано пред да бидам градоначалник, имав малку повеќе слободно време при што тогаш самото тоа време го користев за семејството и за некои работи кои ме релаксираа, меѓутоа откако сум градоначалник, сликата е изменета, при што целокупното слободно време го користам за семејството и семејните обврски и семејните вредности, при што вечерта после работното време одам кај моето семејство, и му се посветувам исклучиво само на моите најблиски.

Градоначалниче, важите како голем верник. Она што е занимливо е тоа што откако победивте на локалните избори веднаш заминавте да земите благослов од Бигорскиот манастир?

Да, точно така…Бев кај Владиката на Дебарско Кичевската Епархија кај г-динот Тимотеј, и владиката Партениј во Бигорски кој ми е близок пријател, и секое мое слободно време се обидувам да бидам присутен во храмовите во Охрид заедно со охридските верници, а тоа е посебно за време на големите празници.

Како планирате да го решите големиот сообрајќаен хаос во Охрид кој претставува еден од најголемите проблеми за време на туристичката сезона?

Би рекол дека тоа е проблем години, години наназад. Тоа е работа за која ние мора да работиме за да обезбедиме нови паркинг места. За таа цел, би рекол дека ние ги финишираме документите. Остварив контакт со Министерството за транспорт и врски и Управата за заштита на културното наследство, бидејќи катната гаража која треба да се гради е во заштитена зона.  Изградбата ќе биде откако документационо сето тоа ќе биде завршено и откако ќе го добиеме одобрението за градба – ќе биде дадена на јавно приватно партнерство за стопанисување од страна на приватна фирма која ќе реши добар дел од проблемот со паркинг местата во летниот период. Она на што треба да се фокусираме во наредните години е одбирање на нова прецизна локација за изградба на уште една нова катна гаража. Во догледно време со таа нова бројка помеѓу 700-800 паркинг места во наредни 4 години би имале решавање на добар дел од проблемите во однос на паркирањето.

Градоначалниче, сакаме да Ве прашаме во каква финансиска состојба го затекнавте Охрид?

Градот Охрид докажа дека во минатите 3,5 години се трошени енормни средства, односно околу 3 милиони евра изнесува разликата во зголемувањето на плати, привремените вработувања и трансфери кон невладини организации. Со други зборови, тоа значи дека отприлика се потрошени повеќе од 3 милиони евра, за разлика од она што би било еден стандард, односно од она што го имавме до 2017 година, во однос на трошење на пари. Според моите информации, пресекот сеуште не е направен од финансиското одделение на нашата општина, меѓутоа станува збор за околу 7 милиони евра реален постоечки долг. Состојбата со Јавните Претпријатија е уште покатастрофална, затоа што се сеќавам како ги оставивме Јавните Претпријатија со средства на сметка, сработена работа и побарување од страна на општина. Во дел од ЈП има сериозни работи, дел од нив пополека ќе ги преиспитуваме, ама тоа сето ќе мора детално да го испитаме за да видиме како се трошени парите од граѓаните.

На крајот на нашето интервју, Градоначалникот Пецаков искрено не поздрави, ни посака среќен пат за назад кон Прилеп, и изјави искрена надеж дека нашиот информативен портал и понатаму објективно и навремено ќе известува за сето она што го работи Пецаков и неговиот тим, за подобар, поуспешен и поубав Охрид.





Сподели го ова:

Слични објави