Синоќа во Прилеп започна 59-тото издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински
Со претставата „12“, во режија на Синиша Евтимов, на Македонскиот народен театар, синоќа во големата сала на Центарот за културата „Марко Цепенков“ започна 59-тото издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
На изведбата на актерите од МНТ, претходеше доделување на наградите за животно дело на Соња Михајлова, Снежана Коневски-Руси и Гоце Тодоровски. Фестивалот свечено беше отворен од Министерот за култура и туризам – Зоран Љутков, Ана Стојаноска – уметнички директор и селектор на програмата, како и прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.

Низ овие 59 години, театарот постојано се движи напред предводен од нови генерации уметници кои носат нова естетика, нови форми и одговараат на нови прашања. И тоа не треба да нѐ плаши. Напротив, тоа е потврда дека театарот е жив. И како институција, ние сме тука не само да ги следиме тие процеси, туку и да ги поддржиме –суштински, доследно, со јасна визија.
Под слоганот „Смеј се и осмели се!“, театарот во Прилеп во следните седум дена ќе продолжи да предизвикува промени.
Никогаш не престанувајте да верувате во моќта на уметноста!


















