САБОТКОВСКИ: Зоната е значајна за економскиот развој на општина Могила, за отворање на нови работни места преку привлекување на домашни и странски инвестиции
Индустриската зона Петилеп во општина Могила, започнува инфраструктурно да се уредува. Денес градоначалникот на Општина Могила-Драганчо Саботковски заедно со директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион Јосиф Балтов и претставници од БВ Инженеринг, направија вовед во работата за изградба на водовод во индустриската зона Петилеп, со должина од 1190 метри, а вкупната вредност на договорот изнесува 4.067.713,00 денари.
“Индустриската зона Петилеп се наоѓа на регионалниот пат А3 и опфаќа површина од 17,9 хектари, на која се предвидени 14 парцели со намена лесна незагадувачка индустрија и 1 парцела со намена за градби за производство на електрична енергија од обновливи извори.Во наредниот период уште 5 парцели ќе бидат предмет на отуѓување по пат на електронско јавно наддавање, на кое сите заинтересирани физички и правни лица ќе можат да се стекнат со сопственост на градежно земјиште.Зоната е значајна за економскиот развој на општина Могила, за отворање на нови работни места преку привлекување на домашни и странски инвестиции”-истакна Саботковски.