Прилепскиот “Весел театар”, ја воодушеви публиката во охридскиот амфитеатар
Изминатиот петок, прилепскиот “Весел театар by Balada”, гостуваше во Охрид со претставата Снежана и мрзливиот принц, претстава која ја воодушеви охридската публика и туриститие кои тие денови беа во убавиот Охрид. Доказ за тоа беа непрекинатите аплаузи од страна на публиката, како и задоволните детски срца и искрените насмевки од присутната детска публика.

Претставата е во режија на Гоце Балада. Станува збор за претставата која што по неколку пати ги полни салите низ цела Македонија! Ова е претстава каде главните ликови ги толкуваат прекрасната Снежана, нејзиниот Мрзлив принц, како и слатките џуџиња.

Претставата е од поучен карактер, и истата преку нејзината изведба, испраќа поучни пораки дека дечињата во животот треба да се трудољубиви како Снежана и дека секое ветување треба да се исполни! Претставата беше изведена во живо, а сценариото Балада го направи заедно со повеќе училишни педагози, се со цел преку содржината на претставата се допре до децата, а воедно правилно да се пренесе и пораката на самата претстава. Оваа претстава беше пропратена со новокомпонирани детски музички песни, специјално креирани за оваа детска претстава!! Музика и текст на песни: Гоце Балада… Аранжман: Рубин Димкоски (група Меморија).

Колку за потсетување, минатиот месец исто така во Охрид, прилепскиот Весел театар настапи и со претставата Пинокио, за која се бараше “место повеќе”. Од следниот месец, дел од овој театар ќе бидат уште два професионални актери, кои ќе учествуваат во веселите претстави на прилепскиот Весел театар на Гоце Балада.


















