Проданоски: Кејскиот појас добива нов лик и дополнителна вредност како значајна пешачка зона за граѓаните
Денеска прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски заедно со заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, направија увид на улицата „Кеј 1-ви Мај“, каде што реконструкцијата е целосно завршена.

“Со овој зафат, уредени се тротоарите во должина од 600 метри со бекатон плочки, поставено е ново улично осветлување со 21 канделабра, како и урбана опрема, клупи и корпи за отпадоци. Просторот кој претходно беше неосветлен и неуреден, денес е безбеден, функционален и пријатен за движење и рекреација.

Кејскиот појас добива нов лик и дополнителна вредност како значајна пешачка зона за граѓаните, особено за жителите од овој дел на градот.
Проектот е во вредност од околу 7 милиони денари, обезбедени преку Министерството за транспорт, во рамки на Проектот за поврзување на локални патишта, со поддршка од Светска банка.
Со добра организација и рационално користење на ресурсите, остваривме заштеда на дел од материјалите, кои ќе бидат искористени за дополнително уредување на простор во населбата Бончејца, каде што ќе се изгради ново детско паркче на површина од околу 300 м2. Ова е еден од најубавите сегменти од проектот, кога со истите средства создаваме повеќе вредност за граѓаните, особено за најмладите. Во наредниот период продолжуваме со реализација на нови проекти, исто така со средства обезбедени преку Министерството за транспорт: Реконструкција на тротоарите и велосипедските патеки на улица „11 Октомври“, како и реализација на безбедносен проект за забавување на сообраќајот преку поставување технички средства (грби, односно „легнати полицајци“) на околу 20 локации низ општина Прилеп. Конкретни проекти што носат реални подобрувања за секојдневието на граѓаните!” – порача Проданоски.


















