Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески во посета на германскиот град Вилинген-Швенинген
На покана на градоначалникот господин Јирген Рот, прилепскиот градоначалник Борче Јовчески оствари работна посета на градот Вилинген-Швенинген, во Сојузна Република Германија, па по тој повод еве што поточно истакна Јовчески на социјалните мрежи:
“Со особено задоволство ја прифатив поканата на господинот Рот да остварам службена посета на општината Вилинген-Швенинген од 17-19 октомври. За време на мојата посета остварив низа на работни состаноци и средби со градоначалникот, со претставници на општината и на бизнис секторот од градот.
Беше разговарано на многу теми, меѓу кои една од најбитните во моментов, за енергетска ефикасност, Јавен градски превоз, за бизнис климата, а исто така разговаравме за можноста да привлечиме инвестиции во нашиот град Прилеп и во секој случај да ја продлабочиме соработката со општината Вилинген-Швенинген. Ми беше чест да го поканам градоначалникот Јирген Рот во наредниот период да оствариме нова средба, овојпат во Прилеп и на тој начин да имаат можност одблиску да ги видат капацитетите и можностите во нашата општина. Сакам да напоменам дека за моето службено патување како градоначалник, не потрошив ниту еден денар финансии од Буџетот на Општината. На врвот на моите приоритети ќе остане подобрување на економската состојба во Прилеп и остварување на стратегијата за локален економски развој на градот” – истакна Јовчески на социјалните мрежи.